До 2020 година градските власти и Министерството за животна средина очекуваат да почне изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Дотогаш треба да се доработи документацијата, односно физибилити студијата, оценката за влијание врз животната средина и финансиската анализа согласно забелешките од меѓународните финансиски институции пред кои државата ќе аплицира за да добие финансиски средства за изградба на пречистителната станица, чиј главен колектор треба да се гради во Трубарево.
За изработка на соодветна документација за да може да се распише тендер за изведувач на градежните работи, денес Градот Скопје, Министерството за животна средина и амбасадата на Франција потпишаа анекс на меморандумот за соработка, потпишан уште во 2014 година, со кој владата на Франција обезбеди донација од плус 197.863 евра.
„Вкупната помош од владата на Франција досега е 927.000 евра. Очекуваме дека до 2020 година ќе може да почнат градежните работи и во рок од две години Скопје конечно да добие пречистителна станица, со што во наредните 100 години ќе го реши проблемот со отпадни води“, кажа Петре Шилегов, градоначалник на Скопје.
Тој рече дека Градот веќе потпишал спогодба со Владата со која и дава овластување на Владата во име на Градот да бара финансиска помош од европските институции, а дека францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние се ставил на располагање да организира донаторска конференција со која треба да се обезбедат потребните средства за изградба на пречистителната станица.
Министерот за животна средина Садула Дураки рече дека целокупната изградба на пречистителната станица ќе чини околу 120 милиони евра и дека Владата дала поддршка земјата да се задолжи за реализација на овој проект, со што третманот на отпадните води е ставен како еден од приоритетите.
Амбасадорот Тимоние кажа дека станува збор за амбициозен проект, со кој третманот на отпадни води во Скопје ќе се реши според највисоките стандарди. Тој рече дека досега се почнати подготвителните работи на двата басени, кои се дел од пречистителната станица, а тендерот за избор на изведувач ќе биде отворен за сите.
Е. БОЧВАРОСКА