Предадена е во употреба модуларната ковид болница во Велес, една од 16-те кои се градат или се завршени во земјава. Има капацитет од 47 кревети и се наоѓа во близина на инфективното одделение, на површина од 700 метри квадратни. За изградба на инфраструктурата и земјени работи локалната власт обезбеди два милиони денари. Пациенти ќе почнат да се примаат од наредната недела, откако ќе биде извршена преселбата на дел од опремата од инфективното одделение.
„Оваа болница ќе добие најсовремен рендген апарат, кој се користи во современите ургентни центри, како и апарат за ехо дијагностика. Опремата ќе пристигне за некој ден и болничкиот капацитет ќе може да се користи. Со овие апарати може да се врши тријажа“, кажа министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот Филипче најави дека набргу ќе почнат да се користат модулараните ковид болници во Гостивар, Кичево, Струга, Гевгелија, Струмица, Охрид и Штип, а останатите се во завршна фаза на изградба.
„За нас оваа модуларна болница е од големо значење, ни се олеснува работата. Таа е современа, модерна, функционална, заштедуваме на персонал и на лична заштитна опрема. Се отвора можноста за реновирање на Инфективно одделение, кое беше планирано за лани, но поради тоа што е ковид-центар, не се случи“, рече д-р Божидар Бојаџиев директор на Општа болница Велес.
П. ПЕЧКОВ