ГРАД СКОПЈЕ ГО ОБЈАВИ ТЕНДЕРОТ ОД 5,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПАМЕТЕН ГРАД

    ГРАД СКОПЈЕ ГО ОБЈАВИ ТЕНДЕРОТ ОД 5,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПАМЕТЕН ГРАДВо тендерот се бара платформата за дигитален град да опфати систем за паметно осветлување, систем за паметно паркирање, систем за мониторинг на квалитетот на воздухот, систем за јавно мислење и задоволство на граѓаните, систем за паметно мерење на потрошувачка на вода и изработка на градски портал. - Градоначалникот Петре Шилегов (Фото: К. Попов)

    Град Скопје го објави тендерот за набавка и имплементација на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град или смарт сити.

    Според проценетата вредност во тендерската документација, имплементацијата на проектот паметен град ќе чини 5,5 милиони евра. Во тендерот се бара платформата за дигитален град да опфати систем за паметно осветлување, систем за паметно паркирање, систем за мониторинг на квалитетот на воздухот, систем за јавно мислење и задоволство на граѓаните, систем за паметно мерење на потрошувачка на вода и изработка на градски портал.

    „Со цел да се унапреди енергетската ефикасност на Скопје, а при тоа да се оствари заштеда во однос на потрошувачката на електрична енергија и во однос на одржувањето на уличното осветлување, како и да се подобри квалитетот на животната средина, Градот Скопје има потреба од набавка и инсталација на нови 9.434 ЛЕД светилки и имплементација на систем за паметно осветлување. Согласно иницијалните анализи имплементацијата на ЛЕД светилки носи потенцијал за заштеди на потрошувачката на енергија за јавното осветлување, од околу 70 отсто во однос на постоечкиот систем“, се вели во тендерската документација.

    Системот за паметно паркирање ќе се состои од веб апликација за мониторирање и администрирање и мобилна апликација за граѓаните и за возачите. Со него се очекува побрзо и поедноставно лоцирање на слободни паркинг места од страна на граѓаните, намалување на сообраќајниот метеж и помало загадување. Со системот за мониторинг на квалитетот на воздухот ќе се направи мобилна апликација за граѓаните, сензори за мерење на квалитет на воздухот и ќе се постават 10 сензори за мерење на загадувањето.

    Градоначалникот Петре Шилегов од доаѓањето на градоначалничката функција го најави проектот смарт сити, со кој како што вели Скопје ќе стане модерна престолнина

    „Работиме на воспоставување на концепт централен комунален сервис кој има цел да им овозможи на граѓаните простор каде што ќе можат да пријават проблем поврзан со комуналните услуги на градот Скопје и веднаш да добијат решение. Тоа вклучува функционални кол-центри, мобилни и веб апликации кои ќе овозможуваат редовни известувања за информации од комуналната сфера, плаќање комунални услуги и следење на статусот на решавање на пријавените проблеми. Крајна цел на проектот е граѓаните да добијат ефикасни и евтини јавни услуги, со целосен увид во перформансите на градската администрација“, вели Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари