ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ФОРМИРА ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА УЛИЧНИ КУЧИЊА, ШИЛЕГОВ САКА ДА СЕ ВИКА ЛАЈКА

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ ФОРМИРА ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА УЛИЧНИ КУЧИЊА, ШИЛЕГОВ САКА ДА СЕ ВИКА ЛАЈКАНовото јавно претпријатие, како што кажа градоначалникот Петре Шилегов, ќе се формира бидејќи ниту тој, ниту граѓаните и здруженијата за заштита на животните, не биле задоволни од досегашниот третман на бездомните животни. (Фото: СДК.МК)

    Град Скопје ќе формира јавното претпријатие за улични кучиња, во чие управување ќе бидат вклучени и здруженијата за заштита на животните. Ново јавно претпријатие како што кажа градоначалникот Петре Шилегов ќе се формира бидејќи ниту тој, ниту граѓаните и здруженијата за заштита на животните, не биле задоволни од досегашниот третман на бездомните животни. Претпријатието треба да се формира до крајот на месец март, а желбата на Шилегов е да се вика Лајка, според првото животно во вселената.

    „’Вардариште’ ќе биде минато. Стационарот повеќе нема да биде во надлежност на ЈП ‘Комунална хигиена’, туку ќе добие еднаков статус со другите јавни претпријатија кои се занимаваат со комуналните дејности во градот. Новото јавно претпријатие под своја надлежност во целост ќе ги преземе активностите за заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани“, рече на денешната прес-конференција градоначалникот Шилегов.

    Процедурите околу формирањето на новото претпријатие течат паралелно со процесот на чипирање на домашните миленици. Целта е како што кажа Шилегов, во исто време да се стави под контрола механичкиот прилив на кучиња на улиците, предизвикан од неодговорни сопственици, и да се почне процесот за воведување нов системски пристап во третманот на животните скитници.

    „Овој проблем бара вклучување на повеќе институции на локално и на национално ниво и вклучување на граѓанските активисти и здруженија, со цел бројот на кучињата скитници да биде сведен на минимум на начин што ќе обезбеди нивна благосостојба, но исто така ќе гарантира безбедно и непречено движење на граѓаните на јавните градски површини. Граѓанските активисти и здруженијата ќе бидат членови на управниот одбор на претпријатието. Новото јавно претпријатие ќе биде основано со буџетски средства на Град Скопје, оние што досега сме ги давале ќе ги зголемиме, како и средства од ЈП ‘Комунална хигиена‘“, додаде Шилегов.

    Во работата на новото претпријатие ќе работи дел од постојниот персонал, а ќе можат професионално и волонтерски да се вклучат и активисти од здруженијата за заштита на животните.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира