ГРАД СКОПЈЕ НЕ МОЖЕ ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ ТОПЛОВОДНАТА МРЕЖА ДО ПОЧЕТОКОТ НА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА ОТИ Е ДИВОГРАДБА

    ГРАД СКОПЈЕ НЕ МОЖЕ ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ ТОПЛОВОДНАТА МРЕЖА ДО ПОЧЕТОКОТ НА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА ОТИ Е ДИВОГРАДБАОд Град Скопје очекуваат до крајот на месецов да заврши постапката за легализација, па потоа ќе бараат Владата да им ја пренесе сопственоста на мрежата за да може од Регулаторната комисија за енергетика да бараат лиценца за работа.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Град Скопје до почетокот на грејната сезона нема да успее да ја преземе топловодната мрежа од сегашниот снабдувач Балкан енерџи груп (БЕГ) бидејќи таа е дивоградба и во тек е постапката за нејзина легализација. Од Град Скопје очекуваат до крајот на месецов да заврши постапката за легализација, па потоа ќе бараат Владата да им ја пренесе сопственоста на мрежата за да може од Регулаторната комисија за енергетика да бараат лиценца за работа.

    „И да не успееме до почетокот на грејната сезона да ја преземеме мрежата БЕГ има лиценца за работа и додека заврши постапката која ја водиме тие ќе бидат снабдувачи. Градот има интерес само да управува со мрежата, но не и со производството, што значи дека може лиценцата да ја добие и по започнувањето на грејната сезона. Град Скопје треба да раководи со топлификацискиот и гасоводниот систем, а не како досега, да биде нем набљудувач во тој процес. Ние треба да бидеме креатори на енергетската политика, да ги донесуваме одлуките, на пример, во кој дел од градот ќе биде поисплатливо да се гради топловод или гасовод. Тоа е во интерес на развојот на градот, но уште поважно за одржливиот развој на чист град без загадување“, вели градоначалникот Петре Шилегов.

    За да управува со топловодната и гасоводната мрежа во Скопје, Градот го формираше и новото претпријатие „Градски енергетски системи“ кое во моментов се екипира а за директор е именувана Александра Маројевиќ. Еден од приоритетите во работата на новото претпријатие ќе биде како што вели Шилегов „Топлана Север“ да се поврзе со топловодната мрежа, како и проширување на мрежата во другите делови на градот.

    „Само 23 отсто од површината на Скопје е покриена со топловодниот систем, на кој се приклучени само 17 отсто од домаќинствата. Тоа,е многу малку, па Скопје се соочува со енормно загадување на воздухот во текот на зимата. Уште една потврда дека Градот Скопје мора да биде стопанисувач со топловодната мрежа е фактот дека три децении никој не се нафатил да изгради два километри цевковод со кој Топланата Север ќе ја приклучи на другите и целосно ќе го спои градскиот систем. Сега Север е изолиран остров, работи нерентабилно, цените се за 40 отсто повисоки од тие на БЕГ и поради тоа има само околу 700 приклучени домаќинства“, вели Шилегов.

    ЈП „Градски енергетски системи“ ќе биде носител и на гасификацијата на Скопје која како што најавува Шилегов ќе почне наскоро.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира