ГРАД СКОПЈЕ ПОЧНУВА СО РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ НАЕСЕН ЌЕ БИДЕ СПРЕМНА ЗА КОНЦЕРТИ

    ГРАД СКОПЈЕ ПОЧНУВА СО РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ НАЕСЕН ЌЕ БИДЕ СПРЕМНА ЗА КОНЦЕРТИГрад Скопје со ребалансот на државниот буџетот кој е во собраниска процедура и се очекува да биде изгласан во наредните денови, доби 2 милиони евра за реконструкција на концертната сала. (Фото: СДК.МК)

    Универзална сала ќе се реконструира во постојната големина и со постојниот изглед. Град Скопје со ребалансот на државниот буџет кој е во собраниска процедура и се очекува да биде изгласан во наредните денови, доби 2 милиони евра за реконструкција на концертната сала. Веднаш по префрлањето на парите на наменска сметка, ќе се распише тендер за изведувач и кон крајот на годинава ќе стартуваат градежните работи.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека со реконструкцијата Универзална сала ќе ја задржи својата автентичност.

    „Нема да се врши доградување, ниту надградување бидејќи од Асоцијацијата на архтекти на Македонија кажаа дека на постојната локација поголем објект не може и не смее да има. Ќе се реновира внатрешноста и надворешноста на објектот и наесен догодина ќе биде спремен за концертнатата сезона“, вели градоначалникот Петре Шилегов.

    Летово, Град Скопје распиша конкурс за идејно решение за парк на местото на Универзална сала, а нова концертна сала беше предложено да се гради на нова локација. Тогаш Шилегов кажа дека на овој простор, според мислењето на стручната фела, нема услови за градење на поголема сала, а дека на Скопје му треба вистинска концертна сала. Како нова локација тој ги посочи оранжериите на ЈП „Паркови и зеленило“.

    Ваквата идеја на Шилегов предизвика голем број реакции во јавноста кои беа против уривање на концертната сала бидејќи e симбол на Скопје. Потоа, Шилегов кажа дека за него најсоодвентно решение е постојниот објект да се реконструира, а нов репрезентативен објект да се гради на нова локација.

    „Првиот дел е завршен, Универзална сала реконструирана ќе ја вратиме на скопјани. Во исто време, ги продолжуваме разговорите со Министерството за култура за изградба на нова концертна сала во Скопје и буџетирање на средства за оваа намена“, додава Шилегов.

    Универзална сала е затворена речиси 6 години, односно од 10 март 2015, кога на партиската трибина лидерот на СДСМ Зоран Заев ја пушти бомбата број 8 за изборни измами. По завршување на трибината на Заев, парче од таванот се откорна и падна врз седиштата. Тоа беше причина да се одложат сите планирани настани во Универзална, а одговорните тогаш одлучија место да го санираат само таванот, да се почека целосната обнова на салата.

    Универзална сала е изградена после скопскиот земјотрес како донација на Бугарија и е копија на софискиот циркус.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира