ГРАД СКОПЈЕ ЗИМАВА ГО ПРЕЗЕМА ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ, ШИЛЕГОВ НАЈАВУВА ПОНИСКИ СМЕТКИ И ПРОШИРУВАЊЕ НА МРЕЖАТА

    ГРАД СКОПЈЕ ЗИМАВА ГО ПРЕЗЕМА ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ, ШИЛЕГОВ НАЈАВУВА ПОНИСКИ СМЕТКИ И ПРОШИРУВАЊЕ НА МРЕЖАТА„Очекувам до ноември да добиеме лиценца за дистрибуција, а кон почетокот на наредната година и за снабдување со топлинска енергија. Тоа го става Град Скопје во можност да креира социјални програми кои ќе може да ги понудиме на граѓаните за централното затоплување на биде еден од најеколошките и најевтините начини за греење на домаќинставата“, вели Шилегов.(Фото: К. Попов)

    Зимава Град Скопје ќе ја преземе дистрибуцијата и снабдувањето на домаќинставата со топлинска енергија. Откако на 30 јули Владата ја додели на трајно користење топловодната мрежа на градското претпријатие за дистрибуцијата на топлинска енергија и гас „Градски енергетски системи“, Градот ја почнува постапката за добивање на потребните лиценци, со што ќе управува со парното греење во Скопје наместо „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).

    Градоначалникот Петре Шилегов очекува кон почетокот на наредната година, целосната контрола на топловодната мрежа да ја има Градот, со што ќе спроведe мерки за поголем број граѓани да се приклучат на парно греење и да добиваат пониски сметки.

    „Наредната недела на седница на Советот на Град Скопје треба да биде изгласана одлуката за преземање на топловодната мрежа и веднаш почнуваме постапка пред Регулаторната комисија за енергетика за добивање на потребните лиценци за работа. Очекувам до ноември да добиеме лиценца за дистрибуција, а кон почетокот на наредната година и за снабдување со топлинска енергија. Тоа го става Град Скопје во можност да креира социјални програми кои ќе може да ги понудиме на граѓаните за централното затоплување да биде еден од најеколошките и најевтините начини за греење на домаќинставата“, вели Шилегов.

    Шилегов вели дека токму преземањето на топловодната мрежа во рацете на Градот е една од мерките кои тој ги презел против загадувањето. Смета дека со поволните услови и проширувањето на мрежата голем број домаќинства ќе се откажат од загревање на домовите на дрва.

    „Ја добивме топловодната мрежа, што според мене е една од фундаменталните мерки. Заокружен е гасоводниот прстен околу Скопје и во финална фаза сме во преговорите со Владата за финансирање на новиот концепт на јавен транспорт. Ова три работи се фундаментални за справување со загадувањето, а овој град за жал во изминатите три децении ги пропуштил. Сега живееме во последиците од тоа“, вели Шилегов.

    Оваа зима жителите на Скопје ќе може да аплицираат и за добивање субвенции за инвертери, како дел од мерката на Владата против загадувањето и стимулирање на домаќинствата да се откажат од греење на домовите на дрва.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира