Од 1 јануари 2027 јавниот градски превоз во Куманово ќе поскапи за 15 денари, а бројот на автобуски линии ќе се намали за седум. Одлуката е донесена на последната седница на Советот, како дел од точката за уредување на општинскиот линиски превоз на патници во Куманово за наредните пет години, бидејќи до крајот на годината завршуваат договорите на сегашните превозници.
Раководителката на Секторот за комунални работи, Лида Ланг-Спасовска, пред советниците кажа дека цената на превозот не е зголемена од 2019 година и дека превозниците повеќепати барале таа да се усогласи поради зголемените трошоци за енергенси и минималната плата.
Во составот на градскиот превоз досега функционираа 26 автобуски линии, а новите превозници ќе имаат седум помалку или само 19, затоа што, како што кажа Ланг-Спасовска, сметале дека нема потреба од толкав број линии бидејќи не се рентабилни.
„Во првата зона до четири километри картата ќе чини 50 денари, втората до седум километри 60 денари, третата до 10 километри е 80 денари, четвртата до 15 километри 100 денари, петтата зона до 20 километри 120 денари и за шестата зона до 30 километри ќе се наплаќа 140 денари. Цените се без вклучен ДДВ. Превозниците се должни да ја унифицираат и усогласат цената по зони врз основа на методологијата. Напоменувам дека овие цени се максимални и не значи дека ќе бидат реализирани на терен. Доколку се намали цената на нафтата, имаме право да ја измениме оваа одлука и да ја намалиме цената на превозот“, кажа Ланг-Спасовска.
Опозицијата жестоко се спротивстави на одлуката, бидејќи сметаше дека дополнително ќе го оптовари буџетот на граѓаните.
„Оваа одлука најмногу удира по категоријата граѓани кои зависат од овој превоз за извршување на работните обврски. Наместо интересот на граѓаните, кој вие како локална власт треба да го застапувате, ги штитите превозниците. Не само што поскапува превозот, туку и линиите се намалуваат за 37 отсто. Тоа значи тенчење на превозот и на семејниот буџет до максимум“, кажа советникот Виторио Зафировски од Левица.
Советникот на НСДП, Благојче Јаќимовиќ, смета дека цената на билетот не се зголемува поради градскиот превоз, кој го користат мал број граѓани, туку поради бесплатниот превоз на учениците во основните и средните училишта, што го плаќа државата преку блок-дотации. Тој тврди дека на тој начин ќе се одлеат големи пари на сметка на приватните превозници, кои имаат поддршка од градоначалникот.
СДСМ предложи амандман со кој се бараше цената да се зголеми откако минималната плата ќе достигне 36.000 денари, но не беше прифатен од мнозинството.
Советникот на СДСМ, Томица Илиќ, кој најави дека опозицијата нема да ја прифати одлуката, кажа дека со намалувањето на линиите ќе се намалат и трошоците на идните превозници, што значи дека нема потреба од зголемување на цената.
Критики од советниците имаше и за квалитетот на досегашниот градски превоз, на кој секојдневно се жалат патниците. Тие кажаа дека нема автобуски постојки на сите улици, па патниците се земаат од небезбедни места, нема истакнат возен ред, нема редовност на одредени линии, нема доволен број автобуси и комбиња, дел од возилата се стари и небезбедни, а голем проблем за патниците е и тоа што нема превоз во неделите и за државните празници.
Опозицијата потсети дека општината потрошила над четири милиони евра за три години бесплатен превоз, а сега дозволува да се зголеми цената по притисок на превозниците, само една година по изборите, кога беше ветено дека бесплатниот превоз ќе продолжи.
Советниците од власта сметаа дека доколку не се прифати барањето за повисока цена, постои опасност превозниците да не се јават на повикот и општината да остане без јавен превоз во наредните пет години, како и тоа дека пред пет години сегашната опозиција, тогаш како власт, дозволила да се зголеми билетот за пет денари.
Новина во одлуката е тоа што редовните студенти и учениците за целодневна карта ќе имаат 50 отсто попуст.
По објавувањето на новите цени, граѓаните на социјалните мрежи најавуваат дека ќе се вратат на старата навика на користење на дивите такси-превозници, кои се поевтини, без притоа да чекаат и да се туркаат во градскиот превоз.
Повикот за избор на нови превозници ќе биде објавен во ноември, а една од задолжителните обврски на превозниците што ќе конкурираат е да имаат автобуси со рампа за пристапност за лица со попреченост.
С. НИКОЛИЌ



