ГРЕЕЊЕТО ОД ОВАА ЗИМА ГО ПРЕЗЕМА ГРАД СКОПЈЕ, ФОРМИРАНО ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ЕНЕРГЕТСКИ ДЕЈНОСТИ

    ГРЕЕЊЕТО ОД ОВАА ЗИМА ГО ПРЕЗЕМА ГРАД СКОПЈЕ, ФОРМИРАНО ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ЕНЕРГЕТСКИ ДЕЈНОСТИГрадот ќе стане сопственик на топлификацискиот систем, ќе купува енергија од производителите „Те-То“, „БЕГ“, „Топлана Запад“, „Топлана Север“ и ќе ја дистрибуира до корисниците.(Фото: Град Скопје)

    Град Скопје доби свое претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас. На денешната седница на Советот на Град Скопје беше донесена одлука за формирање на јавно претпријатие „Градски енергетски системи“ АД Скопје кое ќе ги снабдува скопјани со топлинска енергија откако системот ќе биде преземен од „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) и со гас кога ќе се воведе гасификацијата на Скопје.

    Со тоа автоматски Градот ќе стане сопственик на топлификацискиот систем, ќе купува енергија од производителите „Те-То“, „БЕГ“, „Топлана Запад“, „Топлана Север“ и ќе ја дистрибуира до корисниците.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека најдоцна за 20 дена очекува со одлука на Владата на градското претпријатие да му биде доделен топлификацискиот систем, по што ќе почне процесот за добивање лиценца за вршење на оваа дејност.

    „Очекувам до август да ги завршиме сите постапки за да поднесеме барање до Регулаторната комисија за енергетика за добивање лиценца за работа и од оваа грејна сезона снабдувањето со топлинска енергија да го врши Градот“, вели Шилегов.

    Градоначалникот Шилегов вели со формирањето на претпријатието ќе се создаде тарифен модел соодветен на потребите на граѓаните и целокупниот систем ќе биде поврзан што не е случај сега.

    „Ќе можеме на 14.000 луѓе кои се откажаа од ’Топлификација‘ да им понудите тарифи со кои ќе ги вратиме во системот. Фактот што Градот ќе има топлификација и гасификација ќе овозможи да ги креира политиките за затоплување на домови, нешто што како стратегија недостасувало во Скопје“, додава Шилегов.

    ЈП „Градски енергетски системи“ е формирано со основачки влог од 250.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира