ЃУБРЕТО ОД КУМАНОВО СЕ ФРЛА НА СКОПСКАТА „ДРИСЛА“ ЗАШТО ЖИТЕЛИТЕ НА СЕЛОТО ПЧИЊА НЕ ДОЗВОЛУВААТ ВЛЕЗ НА КАМИОНИТЕ НА ДЕПОНИЈАТА „КРАСТА“

    ЃУБРЕТО ОД КУМАНОВО СЕ ФРЛА НА СКОПСКАТА „ДРИСЛА“ ЗАШТО ЖИТЕЛИТЕ НА СЕЛОТО ПЧИЊА НЕ ДОЗВОЛУВААТ ВЛЕЗ НА КАМИОНИТЕ НА ДЕПОНИЈАТА „КРАСТА“Жителите на селото Пчиња протестираат и ја блокираат депонијата поради пожарите и постојаното чадење, кои, како што велат, претставуваат опасност по нивното здравје. (Фото: Принтскрин од Фејсбук)

    Ѓубрето од Куманово почна да се депонира на депонијата „Дрисла“ во Скопје. Како што изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, ваквото решение е привремено, додека не се реши проблемот со блокадата на депонијата „Краста“.

    Жителите на селото Пчиња и неколку околни места цела недела протестираат кај депонијата „Краста“ и не дозволуваат влез на камионите и депонирање на комуналниот отпад. Тие протестираат и ја блокираат депонијата поради пожарите и постојаното чадење, кои, како што велат, претставуваат опасност по нивното здравје.

    Вчера средба со жителите имаше градоначалникот Димитриевски, кој ги убедуваше да дозволат влез на камионите и ѓубрето да се фрла во делот каде што нема пожари. Но, граѓаните не прифатија и останаа на блокадите пред депонијата.

    Стојан Стојковски, претставник на жителите, рече дека протестите не се насочени против собирањето на отпадот во Куманово, туку против неговото одлагање на депонијата, од која повторно се шири чад кон населените места.

    „Нашите ставови се јасни. Не се повлекуваме од блокадата додека не се изгасне опожарената депонија. Сметаме дека е кривично дело да се носи нов смет на опожарена депонија, а потоа повторно да чади кон селото и да се повтори истата ситуација. Шест месеци ништо не беше преземено, а по најавата за блокада, почнаа да работат. Сега сакаат проблемот да го решат одеднаш“, рече Стојковски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира