Советот на Општина Битола денес едногласно одлучи од општинскиот буџет да се донираат 600.000 денари за опремување на микробиолошката лабораторија за молекуларна дијагностика во Центарот за јавно здравје во Битола, за да може да се врши тестирања за КОВИД-19. Целта е ефикасно и навремено детектирање на пациентите со коронавирус.
Средствата од Општината ќе бидат искористени за обезбедување на просторни услови, а компанијата „Кромберг и Шуберт“ ќе набави апарат во износ од 1,8 милиони денари (околу 30.000 евра).
„По новите стандарди потребни се четири посебни лаборатории, со бесконтактно отворање врати, се да биде бесконтактно. Оваа инвестиција ќе биде многу важна не само за градот туку и пошироко, зашто ќе бидеме прва лабораторија надвор од Скопје за КОВИД-19. Сега секојдневно носиме брисеви до Скопје и тоа се огромни трошоци. Пациентите и докторите чекаат по неколку дена за резултат, па ова ќе биде голем исчекор во справувањето со оваа криза. Веројатно ќе има потреба од уште поголем број тестирања. Веќе имаме најави за Грција, Хрватска и други држави дека ваков резултат не постар од 72 часа ќе биде исто што и пасош”, рече Елизабета Крстевска, директор на Центарот за јавно здравје од Битола која беше присутна на седницата.
Запрашана кога ќе биде готова лабораторијата, Крстевска рече дека апаратот треба да стигне следната недела, а градежните работи се веќе во тек.
„Има многу специфични барања за лабораторијата. Потоа увид ќе направи комисија од Скопје, па обука од неколку денови на кадарот во Битола, па пробни тестирања. Очекуваме до крајот на мај сите овие процедури да завршат, ако оди се според планираното, па да започнеме со дијагностика”, рече Крстевска.
Дневно ќе се прават по 50 тестови, што ќе биде доволно за Југозападниот Регион. Лабораторијата во иднина ќе може да се користи и за тестирање за други респираторни и вирусни инфекции.
Ж. ЗДРАВКОВСКА