Инфективното одделение во Општата болницата во Велес, кое е ковид центар, од синоќа е целосно исполнето, објавија од оваа здравствена институција. Таму се хоспитализирани 35 лица, колку што е капацитетот на одделението за ковид пациенти.
Одделението е регионален центар, освен пациенти од Велес, сместени се и од позитивни на ковид-19 од Свети Николе, Кавадарци и Неготино. Во ова одделение нема повеќе место за новозаразените, кои секојдневно ги има во велешко во поголем број, но повеќето се со поблаги или без симптоми, и се на домашно лекување.
„Во тек е подготовка за зголемување на капацитетот со болнички легла, како и организација на понатамошната работа со персонал“, изјави д-р Весна Николовска-Неделковска, портпарол на Општа болница Велес.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа кажа дека од март до денес, ниту еден вработен доктор или медицинска сестра не дале отказ од оваа здравствена институција.
Последните седум дена во Велес се регистрирани 40 нови случаи со ковид-19, а здравствените работници состојба ја оценија како „средно тешка и посериозна од претходно“.
П. ПЕЧКОВ