ИТАЛИЈАНЦИТЕ ЈА ОСТАВИЛЕ „ДРИСЛА“ ВО ДОЛГОВИ, ГРАД СКОПЈЕ ТРЕБА ДА ДАДЕ 325.000 ЕВРА ЗА КОНСОЛИДАЦИЈА

    ИТАЛИЈАНЦИТЕ ЈА ОСТАВИЛЕ „ДРИСЛА“ ВО ДОЛГОВИ, ГРАД СКОПЈЕ ТРЕБА ДА ДАДЕ 325.000 ЕВРА ЗА КОНСОЛИДАЦИЈАГрадоначалникот Петре Шилегов вели дека депонијата ја презеле со 2,3 милиони евра неплатени долгови и 1,4 милиони евра побарувања од фирми - со новиот директор Начевски (Фото: Ѓ.Личовски)

    Депонијата „Дрисла“ ќе добие субвенции во висина од 20 милиони денари (325.000 евра) од Град Скопје за да може нормално да работи. Концесионерот, италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ ја оставил депонијата во долгови, па сега преку помош од буџетот, Град Скопје ќе врши консолидација на јавното претпријатие. Одлуката за субвенционирање на „Дрисла“ треба да биде усвоена на седницата на Советот на Град Скопје закажана за вторник идната недела.

    Градоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека депонијата на 20 јануари ја презеле со 2,3 милиони евра неплатени обврски и 1,4 милиони евра побарувања кои депонијата ги има кон фирми.

    „Претпријатието се наоѓа во незавидна економска состојба. Со овие средства ќе овозможиме извесна материјална консолидација на претпријатието додека депонијата почне да работи според новите принципи кои ќе ги воведеме. Но, за старт поради наследените долгови потребни се субвенции за да не се блокира работењето. Јас наложив комплетна ревизија во работењето и она што ќе биде констатирано ќе го презентираме во јавноста“, вели Шилегов.

    На депонијата веќе еден вработен е избркан од работа бидејќи повеќе од три месеци не доаѓал на работа и живеел во Австралија. Тој рекол дека не може да се врати во Скопје бидејќи помагал на властите во Австралија во гасење на пожарите кои ја зафатија земјата.

    Дрисла„ стана јавно претпријатие на Град Скопје на 20 јануари. Со депонијата 9 години стопанисуваше концесионер, италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“, а директор беше Горан Ангелов. Договорот за давање на „Дрисла“ под концесија на Италијанците на 35 години беше потпишан во 2011 година кога градоначалник беше Коце Трајановски. Според договорот на „Дрисла“ требаше да се инвестираат 73 милиони евра. Со тој влог Италијанците се задолжија да се изведе постројка за селекција на отпад, за преработка на индустриски отпад, како и за производство на струја од отпадот кој се депонира на депонијата. Исто така беше ветена и нова печка за медицински отпад.

    Единствено што купија Италијанците за време на нивното 9-годишно владение со депонијата се филтри за печката за медицински отпад, но тоа следуваше откако во јануари 2018 година, Инспекторатот за животна средина ја казни со 8.500 евра депонијата и им наложи во рок од 90 дена да постават филтри бидејќи од печката излегуваат повеќе загадувачки материи од она што е максимално дозволено.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира