ЈАКИМОВСКИ ЈА РАСКИНА КОАЛИЦИЈАТА СО ВМРО-ДПМНЕ ВО КАРПОШ ОТИ НЕ МОЖЕ ДА ГО ТРПИ ИЗЖИВУВАЊЕТО ОД МИЦКОСКИ

    ЈАКИМОВСКИ ЈА РАСКИНА КОАЛИЦИЈАТА СО ВМРО-ДПМНЕ ВО КАРПОШ ОТИ НЕ МОЖЕ ДА ГО ТРПИ ИЗЖИВУВАЊЕТО ОД МИЦКОСКИМицкоски треба си бара некој помлад за изживување, рече Јакимовски. (Фото: Општина Карпош)

    Градоначалникот на Oпштина Карпош и лидер на партијата ГРОМ Стевчо Јакимовски објави дека ја раскинува коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ во општинскиот Совет поради, како што рече, притисоци, подметнувања и нарачки од еден центар. Тој рече дека мора да му се спротистави на „шпицен градоначалникот“, алудирајќи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој како „шпицен-кандидат“ го нарекува моделот според кој партискиот лидер не би бил кандидат за пратеник.

    Јакимовски рече дека смета оти Мицкоски „треба си бара некој помлад за изживување. Треба да побара некој помлад од мене и со поинаков карактер и помалку години зад себе. Повеќе ова не може да биде толерирано“.

    „По 99 месеци коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, морам да соопштам дека повеќе таа коалиција не може да опстои овде во Општина Карпош. Затоа што јас како градоначалник со моите години, и со моето искуство, и со мојот карактер, не можам да дозволам повеќе некој да се поигрува и со мене, и со Советот на Општина Карпош, но и со интересите на граѓаните на Карпош во кои што влегуваат и обични граѓани, и стопанственици, и богати и сиромашни, и од различни етнички заедници. Затоа, Карпош и јас мораме да им се спротивстваиме на опструкциите, мораме да им се спротивставиме на командите од еден центар, мораме да му се спротивставиме на ‘шпицен-градоначалникот’“, изјави денеска Јакимовски и додаде дека мора да се спротивстави на обидите за рекет и обидите за закани врз стопанственици од неговата општина.

    Владејачката коалиција во Советот на Карпош досега беше со 6 советници од ВМРО-ДПМНЕ, 4 од Левица и двајца од ГРОМ. Во Советот се и 6 советници од СДСМ, 2 од независна граѓанска иницијатива и по еден од НСДП, ДС и ДПС.

    Јакимовски кажа дека нема да влегува во коалиција ни со СДСМ ни со никого, и дека со ГРОМ ќе продолжи да делува како опозиција и на локално и на централно ниво.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира