ЈСП „СКОПЈЕ“ НЕМА ПАРИ ЗА ПЛАТА, СОВЕТНИЦИТЕ НЕ ИЗГЛАСАА НОВИ СУБВЕНЦИИ ОД 1.8 МИЛИОНИ ЕВРА

    ЈСП „СКОПЈЕ“ НЕМА ПАРИ ЗА ПЛАТА, СОВЕТНИЦИТЕ НЕ ИЗГЛАСАА НОВИ СУБВЕНЦИИ ОД 1.8 МИЛИОНИ ЕВРАСекратарот на Град Скопје Зоран Глигоров рече дека ако не се изгласа одлуката ќе биде загрозено вршењето на јавниот превоз. (Фото: К. Попов)

    ЈСП „Скопје“ не доби нови субвенции од буџетот на Град Скопје. На вчерашната седница, советниците во Советот на Град Скопје не го изгласаа барањето на градоначалничката Данела Арсовска на претпријатието да се доделат нови 1.8 милиони евра за да може непречено да се одвива јавниот превоз.

    Градоначалничката Арсовска и директорот на претпријатието Крсте Петревски не беа присутни ниту на оваа седница, па советниците како и многу пати досега кажаа дека не можат да гласаат за точка кога не добиваат никакви информации.

    „Овој Совет во повеќе наврати барал информации од претпријатието каде се трошат парите кои ги даваме. Оваа годинава се дадени  630 милиони денари за ЈСП, а не добивме ниту едно ливче каде завршија овие средства. Немаме информација ниту сега за што се потребни овие пари“, рече координаторката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Андоновска.

    Наместо Арсовска и Петревски на советниците кусо им одговори секретарот Зоран Глигоров, кој рече дека парите се однесуваат за плата на вработените и рати за отплата на кредитот за автобусите кои беа набавени во 2019 година.

    „Намената на овие средства е исклучиво за да може вработените да земат плата и да не се направи дисторзија во работење, како и да се исплати рата од кредитот во висина од околу 1 милиони евра. Ако не ја изгласате оваа одлука ќе биде исклучително тешко и ќе биде загрозено вршењето на јавниот превоз“, рече Глигоров.

    Барањето не беше прифатено бидејќи мнозинството советници не гласаа за точката.

    Попладнето по завршување на седницата, прес-конференција одржа директорот Крсте Петревски кој се жалеше дека советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го блокираат ЈСП. ИПетревски досега ниту еднаш не одговорил на новинарски прашања, ниту пак разговарал со медиумите за состојбите во претпријатието.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира