ЈСП „СКОПЈЕ“ ПАК НЕМА ПАРИ, АРСОВСКА БАРА ДА СЕ ДОДЕЛАТ УШТЕ 2,6 МИЛИОНИ ЕВРА СУБВЕНЦИИ ЗА ДА ИМА АВТОБУСИ

    ЈСП „СКОПЈЕ“ ПАК НЕМА ПАРИ, АРСОВСКА БАРА ДА СЕ ДОДЕЛАТ УШТЕ 2,6 МИЛИОНИ ЕВРА СУБВЕНЦИИ ЗА ДА ИМА АВТОБУСИЈСП „Скопје“ во јануари годинава доби субвенции од Градот во висина од 11 милиони евра. (Фото: СДК.МК)

    ЈСП „Скопје“ пак има финансиски проблеми во работењето и Градот повторно ќе го субвенционира претпријатието. Градоначалничката Данела Арсовска бара од Советот на Град Скопје на седницата која ќе се одржи утре, да се изгласа ново субвенционирање во висина од 2,6 милиони евра за непречено да се одвива јавниот превоз во градот.

    „Во насока на подобрување на транспортната услуга на  граѓаните на подрачјето на градот Скопје како и непречено одвивање на јавниот превоз, се предлага сумата од 485.000.000 денари да се заменува со износ од  645.000.000“. стои во образложението на одлуката за субвенционирање.

    ЈСП „Скопје“ во јануари годинава доби субвенции од Градот во висина од 11 милиони евра. Беа доделени 140 милиони денари за да се спроведе бесплатниот автобуски превоз за пензионери и студенти, 485 милиони денари за потешкотии во работењето или да може да се подели плата на вработените и 60 милиони денари за функционирање на АВЛ системот и смарт тикетингот.

    Субвенциите беа изгласани на втората вонредна седница, откако пред тоа двапати немаше мнозинство гласови односно не гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ. Еден ден немаше јавен превоз, бидејќи не се гласаше одлуката.

    Откако се изгласа одлуката, Арсовска им рече на вработените во претпријатието кои протестираа пред Советот дека сега можат да бидат мирни, оти се обезбедени пари за плати и функционирање на јавниот превоз за цела година. Но, сега повторно се бара субвенционирање на претпријатието.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира