СОВЕТНИЦИТЕ НА ВТОРАТА ВОНРЕДНА СЕДНИЦА УСВОИЈА СУБВЕНЦИИ ЗА ЈСП „СКОПЈЕ“, АВТОБУСИТЕ СЕ ВРАЌААТ НА УЛИЦА

    СОВЕТНИЦИТЕ НА ВТОРАТА ВОНРЕДНА СЕДНИЦА УСВОИЈА СУБВЕНЦИИ ЗА ЈСП „СКОПЈЕ“, АВТОБУСИТЕ СЕ ВРАЌААТ НА УЛИЦАДенеска во Скопје немаше автобуси ни на ЈСП ниту на приватните превозници. (Фото: К. Попов)

    Советот на Град Скопје попладнево одржа втора вонредна седница, на која се  усвои одлуката за доделување на субвенции на ЈСП „Скопје“ во висина од 11 милиони евра. Со тоа, попладнево престанува протестот на вработените и автобусите се враќаат во јавниот превоз, но не се знае дали ќе има возила од попладнево или од утре наутро.

    „Сега ќе седнеме и ќе се договориме дали денеска од 17 часот па полноќ ќе има јавен превоз или не. Но, она што е сигурно е дека од утре од  4.45 часот наутро јавниот превоз ќе си продолжи нормално да функционира“, кажа Миќо Стојановски претседател на синдикатот на ЈСП „Скопје“

    Овој пат за одлуката гласаа 25 советници. ВМРО-ДПМНЕ не гласаа и овојпат, но дојдоа советниците од другите политички партии кои не беа присутни на првата вонредна седница. Со усвојување на оваа одлука јавното претпријатие сега ќе има пари да подели плата на вработените.

    Советниците на ВМРО-ДПМНЕ побараа да се одобрат само 3 милиони евра субвенции, оти како што рекоа не може толку пари од буџетот на Градот да се одлеваат во ЈСП.

    Градоначалничката Данела Арсовска кажа дека овој амандман не се прифаќа, бидејќи со тоа за некој месец пак ќе биде неизвесна состојбата на претпријатието и дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со лидерот Христијан Мицкоски намерно создава кризи во градот.

    Мнозинството советниците не го прифатија амандманот, па се гласаше за првичната одлука.

    Во Скопје денеска од 9 часот немаше автобуси ни на ЈСП „Скопје“ ниту на приватните превозници оти немаат земено плата за декември. Точка за доделување на субвенции имаше уште на седницата на 29 декември лани, но ни тогаш ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за одлуката, па претпријатието која постојано работи со загуби немаше пари да подели плата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира