КАФЕАНИТЕ И МАРКЕТИТЕ ГИ ПРЕПОЛНУВААТ КОНТЕЈНЕРИТЕ ОТИ НЕМААТ СОПСТВЕНИ, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ЌЕ ИМ ВОВЕДЕ РЕД ВГОДИНА

    КАФЕАНИТЕ И МАРКЕТИТЕ ГИ ПРЕПОЛНУВААТ КОНТЕЈНЕРИТЕ ОТИ НЕМААТ СОПСТВЕНИ, ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ЌЕ ИМ ВОВЕДЕ РЕД ВГОДИНАГрадоначалникот Петре Шилегов вели дека имаат разработен оперативен план за овој проблем, но не успеале да го реализраат поради пандемијата на ковид-19. (Фото: СДК.МК)

    Кафулињата, кафеаните и маркетите низ Скопје немаат сопствени контејнери за одлагање на отпадот, па го фрлаат во оние наменети за домаќинствата. Поради тоа контејнерите се преполни, а навечер откако ќе затворат локалите, ѓубре и картонски кутии стојат околу садовите.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека градската администрација има разработен оперативен план за овој проблем, но не успеале да го реализираат поради пандемијата на ковид-19 и лошата финансиска состојба на ЈП „Комунална хигиена“. Најавува дека догодина ќе бидат купени контејнери за угостителските објекти и маркетите, а ќе биде воведена и повисока цена за нив за подигнување на отпадот.

    „Во планот за јавни набавки во 2020 имавме предвидено и набавка на канти за отпад од 240 литри, со цел да  ги дадеме на рестораните и на помалите маркети бидејќи големите супермаркети веќе користат посебни садови. Овие контејнери се дупло поголеми и ќе може да се одлага три вида на отпад односно ќе се врши селекција. Но, набавката моравме да ја одложиме поради пандемијата. Не сме во финансиска можност ниту годинава да ги набавиме, туку наредната година. Со тоа ќе го решиме проблемот  особено за оние делови од градот каде се сконцентирирани повеќе ресторани и кафулиња“ вели Шилегов.

    На кејот 13 Ноември кој во моментов се реконструира повеќе нема да има контејнери односно на сите локали ќе им бидат поделени канти. Така е сега решено како што објаснува Шилегов одлагањето на отпадот на објектите од левата страна на Вардар кај Јавното обвинителство.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира