КАВАДАРЦИ И ГЕВГЕЛИЈА ДАДОА НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА НОВА КОНЦЕСИЈА ЗА РУДНИК НА КОЖУВ

    КАВАДАРЦИ И ГЕВГЕЛИЈА ДАДОА НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ ЗА НОВА КОНЦЕСИЈА ЗА РУДНИК НА КОЖУВ Додека траеше седницата на Советот на Општина Гевгелија, група активисти против рудници се собраа пред општинската зграда за поддршка на советниците да дадат негативно мислење на барањето потпишано од министерот за економија Крешник Бектеши, за доделување нова концесија за детални геолошки истражувања на планината Кожув на локалитетот Матушница - Исток (Фото: СДК.МК)

    Oпштините Кавадарци и Гевгелија дадоа негативно мислење по барањето на Министерството за економија за издавање концесија за детални геолошки истражувања за металични минерални суровини на локалитетот Матушница – Исток на планината Кожув. Советите на овие две Oпштини расправаа и заклучија дека се против да се прават какви било детални геолошки истражувања на локалитетот кој е во непосредна близина на извориштето Лукар, од каде со вода за пиење се снабдуваат жителите на Кавадарци, Росоман и Неготино.

    „Дадовме негативно мислење бидејќи евентуалното бушење на локалитетот Матушница – Исток за детални геолошки истражувања може да предизвика последици и врз локалитетот Лукар кое е заштитно подрачје. Може да се загадат изворите или да секнат истите од кои со вода се снабдуваат десетици илјади жители од Кавадарци, Неготино и Росоман. Од таа причина, дадовме негативно мислење за кое гласаа мнозинството советници, додека советниците на ВМРО ДПМНЕ гласаа воздржано“, ни изјави Ристо Шакалиев, претседател на Советот на Кавадарци.

    Негативно мислење даде и Советот на Општина Гевгелија, чии жители во април годинава на референдум се изјаснија дека се против какво било отварање рудници на Кожув, задолжувајки ја локалната самоуправа да дава и негативни мислења за какви било дозволи.

    „Ставот на мнозинството во Советот во Гевгелија е јасен. Не за рудници, да за животот. Гевгеличани се изјаснија дека на Кожув не се потребни рудници. Сите 19 советници гласаа за негативно мислење“, велат од Советот на Гевгелија.

    Додека траеше седницата на Советот на Општина Гевгелија, група активисти против рудници се собраа пред општинската зграда за поддршка на советниците да дадат негативно мислење на барањето потпишано од министерот за економија Крешник Бектеши, за доделување нова концесија за детални геолошки истражувања на планината Кожув на локалитетот Матушница – Исток.

    „Имавме собир за да повторно укажеме дека на Гевгелија не ѝсе потребни рудници и дека гевгеличани си го кажаа ставот на референдумот кој треба да го почитуваат локалните и националните власти“, рече Ангел Наков од иницијативата „Спас за Гевгелија.

    Барањето за добивање концесија за детални геолошки истражувања за металични минерални суровини, кое доаѓа од Министерството за економија, е по барање на канадската компанија која пред две години добила дозвола за проспекциски истражувања, а согласно законот за да ја продолжи постапката, треба да добие концесија, за што потребни се позитивни мислења од општините на чии територии се вршат деталните геолошки истражувања.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира