ЌЕ ИМА ЗЕЈТИН ВО ПРОДАВНИЦИТЕ ОД УТРЕ ИЛИ ЗАДУТРЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ БЕКТЕШИ

    ЌЕ ИМА ЗЕЈТИН ВО ПРОДАВНИЦИТЕ ОД УТРЕ ИЛИ ЗАДУТРЕ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ БЕКТЕШИМинистрите за економија и земјоделство Бектеши и Николовски денеска ја посетија велешка „Маслодајна“. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека состојбата со маслото за јадење е стабилна, а од велешка „Маслодајна“ додаваат дека е зголемена побарувачката и тие ги испорачуваат бараните количества, а во пракса и натаму зејтин нема во маркетите.

    „Од утре, задутре ќе има доволно масло за јадење по рафтовите. И граѓаните и другите потрошувачи не треба непотребно да прават залихи, бидејќи може да се наруши пазарот во одредени моменти, како што беше неколку дена претходно. Мислам дека граѓаните направија залихи, се снабдија со количества кои ги сметаат дека се доволни“, кажа Бектеши при посетата на „Маслодајна“.

    Велешкиот производител, како единствен во земјава кој произведува зејтин од сончогледово семе во заокружен производен процес, четири години бара начин да го врати сончогледот по македонските полиња. Со откупот на сончоглед може да задоволат само 10 отсто од капацитетите за преработка.

    „Ние сме увозно зависни. И затоа работиме на враќање на оваа индустриска култура по македонските полиња. Со неговото враќање освен земјоделците кои ќе имаат плодород, нема да се одлеваат девизи за купување или на сончоглед или на сурово масло за јадење. Најлошо е во вакви кризи, кога зависиме од други, може да се случи да чекаме или бараме помош од трети држави. Но освен зголемените површини, потребни се и поголеми приноси со современа обработка на земјата со квалитетни семиња. Помина времето кога едно шише зејтин чинеше колку две пакувања минерални води“, кажа директорот на „Маслодајна“ Горан Лазов .

    Владата донесе две долгорочни мерки за враќање на сончогледот на македонските полиња и зголемување на интересот за негово одгледување.

    „На вчаршната владина седница, донесена е одлука за повик за доделување на земјиште на поединци и компании, исклучиво за одгледување на сончоглед. Огласот е брз и се треба да заврши за еден месец. Втора мерка е субвенциите кои ги добиваат земјоделците, треба да имаат доказ дека целокупното производство што го оствариле, го предале на домашните капацитетите за преработка на маслото за јадење. Во склоп на ова е и одлуката за предвремено пуштање на системите за наводнување со цел да се фати ден повеќе за одгледување на житните, но и други култури потребни за храна во земјава“, кажа министерот за земјоделие Љупчо Николовски, кој исто така беше во посета на фабриката.

    Заради заштита на сопственото производство, Владата на Србија денес одлучи да извезува во Македонија само рафинирано масло за јадење во шишиња од по еден литар, не и сурово, како што очекуваа дел од производителите на масло.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира