ЌЕ СЕ ЧИСТИ ДЕПОНИЈАТА ВО СКОПСКО ВИЗБЕГОВО, ОБЕЗБЕДЕНИ СЕ 325.000 ЕВРА СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИ

    ЌЕ СЕ ЧИСТИ ДЕПОНИЈАТА ВО СКОПСКО ВИЗБЕГОВО, ОБЕЗБЕДЕНИ СЕ 325.000 ЕВРА СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИДепонијата ќе ја чисти ЈП ‘Комунална хигиена‘ на Град Скопје, а потоа градот просторот ќе го загради и обезбеди -Министерот Нуредини и градоначалникот на Скопје Шилегов. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Со ребалансот на државниот буџет на Министерството за животна средина и просторно планирање му беа доделени 20 милиони денари (325.000 евра) за чистење на депонијата во близина на скопската населба Визбегово. Со тоа конечно ќе почне решавањето на проблемот со депонијата во Општина Шуто Оризари, која покрај тоа што се трупа со секаков вид на отпад и ѓубре, секојдневно се пали и со денови гори. Жителите на околните населби Чаир, Бутел и Визбегово постојано се жалат дека дишат чад и воздух што мириса на изгорена пластика од депонијата.

    Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини вели дека преку ребалансот успеале да обезбедат средства за решавање на овој проблем, со што ќе се придонесе до намалување на загадувањето во овој дел од градот, нешто на што секоја зима се жалат жителите кои живеат во близина на депонијата.

    „Ќе ѝ предложам на Владата да не се ангажира приватна фирма и да се одолговлекува со тендерски постапки туку работите за чистење на депонијата да ги врши ЈП ‘Комунална хигиена“ на Град Скопје, кое располага со соодветна механизација, вели министерот за животна средина Насер Нуредини. Тој вели дека оваа одлука треба да се донесе утре.

    Откако просторот ќе биде исчистен, Град Скопје ќе треба да го загради и обезбеди. Градоначалникот Петре Шилегов вели дека на тој начин ќе се спречи повторно да се создаде депонија во овој дел од градот.

    Со ребалансот на буџетот Министерството за животна средина доби вкупно 165 милиони денари за реализација на проекти од областа на заштитата на животната средина. Од нив 49 милиони денари се за завршување на секундарната мрежа за вода за пиење во селата Липково и Оризаре, 39 милиони денари за колекторски систем во Општина Струга, а пари за изградба на водоводна мрежа се предвидени за општините Чаир, Сарај, Крушево, Тетово, Пробиштип, Ресен.

    Пари се предвидени и за чистење на дивите депонии во Маврово и Ростуше.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира