ЌЕ СЕ ПРАВИ НОВ ПЛАН ЗА ПРОСТОРОТ КАЈ „ШИК ЈЕЛАК“, ЌЕ ИМА ПОМАЛКУ ОД 30 ЗГРАДИ, НАЈАВИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИ

    ЌЕ СЕ ПРАВИ НОВ ПЛАН ЗА ПРОСТОРОТ КАЈ „ШИК ЈЕЛАК“, ЌЕ ИМА ПОМАЛКУ ОД 30 ЗГРАДИ, НАЈАВИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИИницијативата „Тетово сака парк“ бара на влезот на Тетово од правец на Скопје да се направи градски парк на површина од околу 16 хектари во чиј состав би влегол и сега спорниот Блок 57. (Фото: СДК.МК)

    Изминатиов период во Тетово се одржаа две јавни дебати поврзани со идното урбанистичко уредување на градот. На првата, организирана од страна на Општина Тетово се разговараше за потребата од промена на веќе донесениот Детален урбанистички план (ДУП) за урбаниот Блок 57.

    Овој урбанистички план, кој беше донесен некаде пред крај на мандатот на минатиот општински Совет, уште тогаш предизвика големо негодување и контраверзи. Тој предвидуваше на просторот на кој во еден поголем дел се наоѓа пропаднатата фабрика „ШИК Јелак“, чија стечајна постапка уште не е целосно завршена, да се изгради комплекс од над 30 висококатници во кои, според проценките би требало да живеат над 8.000 луѓе. На ова решение уште тогаш реагираа дел од тетовските архитекти обвинувајќи ја Општината дека така само ќе изгради еден огромен бетонски ѕид, дека на тој простор воопшто не се предвидени зелени површини ниту паркинг места. Освен ова, тогаш како купец на тоа земјиште и инвеститор кој ќе гради се наведуваше контраверзен бизнисмен од Црна Гора. И покрај сето ова, спорниот урбанистички план беше усвоен и одобрен и од Министерството за транспорт и врски.

    Со промената на локалната власт на последниве локални избори, меѓу приоритетите на новиот градоначалник Билал Касами беше и ревизија на урбанистичкиот план за Блок 57. Тука пак ќе се гради ама сега ќе имало помалку згради.

    „За промена на овој урбанистички план веќе направивме некои подготовки. Комисијата за урбанизам веќе подготви елаборат, а проблемот со овој урбан блок е што тука е максимизиран приватниот интерес на штета на јавниот интерес и е предвидена градба на многу објекти. Ние, како општинска власт, ќе се обидеме да го зачуваме јавниот интерес, што значи сега бараме на тој дел да има помалку згради од тоа што беше предвидено со првиот план, како и да има повеќе јавни површини, улици, тротоари, паркови и други јавни простори. Доколку тоа успееме да го постигнеме, односно да ги поминеме сите фази и да успееме го ревидираме постојниот урбанистички план, за што ќе треба една подолга процедура, тогаш за нас секој инвеститор е добредојден тука да гради“, изјави Касами.

    На јавната дебата дел од архитектите ја одобруваа иницијативата да се направи ревизија на овој план, додека дел од нив ја оспоруваа постапката, а екологистите имаа и подруги размислувања за овој дел од градот.

    „Тетово е пренаселено за да се изгради уште една таква населба на влезот во градот, а без тоа да има некоја подлабока студија за тоа каде и како треба да се развива градот, колкави згради треба да се градат и во која зона. Град кој нема доволно вода за пиење, нема доволно паркинзи и со преполни улици со автомобили, не може да си дозволи таква нова населба каде би требало да живеат над 8.000 жители. Вакви дебати требаше и порано да се одржуваат за да можат и граѓаните да го кажат своето мислење“, вели Аријанид Џафери од движењето „Еко герила“.

    И додека општинарите се надеваат дека ќе успеат до го ревидираат сегашниот ДУП за Блок 57 и размислуваат за нешто помало бетонизирање на градот, од граѓаните на Тетово дојде иницијатива градот конечно да добие градски парк. Иницијативата „Тетово сака парк“ бара на влезот на Тетово од правец на Скопје да се направи градски парк на површина од околу 16 хектари во чиј состав би влегол и сега спорниот Блок 57. Иницијативата наиде на голем прием кај тетовци и за кратко време ја потпишаа неколку илјади жители на градот.

    „Добивме најголема поддршка од било која граѓанска иницијатива досега покрената во Тетово, а сигурни сме дека таа и понатаму ќе расте“, изјави Дарио Сотировски, еден од иницијаторите за изградба на паркот.

    Ваквото барање кое потекнува од граѓаните на Тетово беше поздравено и од повеќе урбанисти и архитекти.

    „Граѓанската иницијатива излезе со одличен концепт, кој не само што е издржан и хуман, туку и од стручен аспект е крајно темелен, соодветен и изводлив. Се работи за иницијатива која пред сé поаѓа од граѓаните, меѓутоа согледува и потреба во самиот урбан концепт на градот, зашто Тетово е град кој со години се планира и развива во отсуство на стратегија. Целокупните напори и активности на претходната општинска власт беа насочени кон задоволување на интересите на инвеститорите, притоа комплетно занемарувајќи ги потребите на граѓаните кои што се основни корисници на просторот“, рече на јавната трибина урбанистката Душица Трпчевска-Анѓелковиќ.

    Но, додека граѓаните размислуваат за парк, општинската власт размислува за градење згради. Иако градоначалникот Касами лично ја поздравува иницијативата, сепак вели дека поради лошата финансиска состојба за Општината вакво нешто во овој момент преставува само луксуз.

    „Секоја иницијатива и алтернативно решение за нас е добредојдено, но освен јавниот интерес  треба да го имаме во предвид и формално-правниот статус на тоа земјиште каде се иницира да се гради градски парк, а треба да се разгледа и финансискиот аспект. Јас би сакал и 50 проценти од Тетово да биде под паркови но, поради финансиската ситуација во која сега се наоѓа Општина Тетово, тешко е дека може да си дозволиме таков луксуз и таква иницијатива“, рече Касами.

    Иницијаторите Тетово конечно да добие парк се убедени дека и покрај тешкотиите ќе успеат во реализацијата на својата идеја. Надеж им дава и податокот дека дури 77% од земјиштето на кое се  бараат да се изгради градскиот парк е во државна сопственост и, како што велат, јавниот интерес секогаш треба да биде над приватниот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира