СТЕСНEТИ КОЛОВОЗНИТЕ ЛЕНТИ КАЈ СТАРАТА ЖЕЛЕЗНИЧКА ВО СКОПЈЕ ЗА ДА СЕ НАПРАВИ ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА

    СТЕСНEТИ КОЛОВОЗНИТЕ ЛЕНТИ КАЈ СТАРАТА ЖЕЛЕЗНИЧКА ВО СКОПЈЕ ЗА ДА СЕ НАПРАВИ ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКАВелосипедската патека долж улицата e широка 1,5 метар, а постојните три коловозни ленти од 3,5 метри се стеснeти на 3 метри, а за пешаците ќе се отстранат билбордите од тротоарите. (Фото: К. Попов)

    На улицата Свети Кирил и Методиј кај  Старата железничка станица, каде што е сместен музејот на Град Скопје, се стеснуваат коловозните ленти за да се изведе велосипедска патека.

    Велосипедската патека долж улицата е широка 1,5 метар, а е добиена откако постојните три коловозни ленти од 3,5 метри се стеснуваат на 3 метри.

    „Велосипедистите ќе добијат нова патека за движење низ центарот на градот, а ќе придонесеме и за побезбеден сообраќај преку смирување на автомобилскиот сообраќај. Ширината на сообраќајните ленти од 3 метри е идеална ширина за проектна брзина на движење од 50 километри на час колкаво што впрочем е законското ограничување на максималната брзина на движење на автомобилски сообраќај на градските улици“, велат од Град Скопје.

    На овој дел како и низ целиот центар на градот од тротоарите ќе се отстрануваат и билбордите. Градоначалникот Петре Шилегов најави дека ќе се тргнат 240 билборди поставени на јавни површини низ градот и со тоа ќе почне да се воспоставува ред во узурпирањето на градот со билборди и рекламни паноа, кои го ограничуваат движењето на пешаците и велосипедистите.

    На седница на Советот на Град Скопје одржана пред два дена, беше усвоена одлука за ослободување на компаниите кои стопанисуваат со билбордите од надоместокот за закуп на рекламен простор за трите месеци додека трае вонредна состојба, како и намалување за 20 отсто на вкупната закупнина бидејќи ќе се отстранат 240 билборди. Од Градот велат дека следи потпишување на анекс-договорите со фирмите за новите услови и број на билборди, по што ќе почне постапката за ослободување на тротоарите.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари