КЕЈОТ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ И РАСКОПАН Е ПАРКИРАЛИШТЕ

    КЕЈОТ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ И РАСКОПАН Е ПАРКИРАЛИШТЕНа сите страни има градежни матријали и механизација, но тоа не е пречка повторно да се паркираат коли. (Фото: К. Попов)

    Кејот 13 Ноември во строгиот центар на Скопје дури и раскопан и полн со градежна механизација е претворен во паркиралиште за автомобили. Град Скопје пред месец и половина почна со градежни работи за реконструкција на шеталиштето. Целиот плочник сега е изваден, кафулињата се тргнати и кејот е раскопан. На сите страни има градежни матријали и механизација, но тоа не е пречка повторно да се паркираат коли. Возилата слободно си влегуваат и се паркираат меѓу камионите и багерите, а со тоа пречат и врз текот на градежните работи.

    Градоначалникот Петре Шилегов на стартот на обновата на кејот кажа дека нема да дозволи во иднина шеталиштето да биде паркинг за автомобили.

    „Кај хотелот ‘Холидеј ин‘ ќе имаме две бетонски бариери кои ќе спречат влез на возила освен во строго определен број, во строго определено време. Немам намера да дозволам да се потрошат 88 милиони денари, а за година и половина да имаме иста ваква ситуација. Ќе направам сè што е во моќ на Градот и во соработка со МВР да се спречи такво дивеење“, рече Шилегов.

    Според проект, партерно ќе се уреди површина од околу 12.500 квадратни метри која концептуално ќе се поврзе со околните објекти. Покрај нов плочник, ќе биде изведена патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, ќе бидат поставени смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот.

    На средината нема да има тераси на кафулињата, но за возврат ќе добијат плус простор во делот пред објектите.

    Реконструкцијата треба да заврши во јуни.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира