КИЧЕВО ДОБИ ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА СО ПАРИ ОД ЕУ

    КИЧЕВО ДОБИ ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА СО ПАРИ ОД ЕУИзградбата на пречистителната станица чини 8,3 милиони евра, кои се обезбедени преку ИПА фондовите на Европската Унија. (Фото:Влада)

    Пречистителна станица за третман на отпадни води во Кичево денес официјално беше пуштена во употреба. Таа се наоѓа во близина на градот и има капацитет за третман на отпадни води за 48.000 жители.

    Изградбата на пречистителната станица, колектор и пристапен пат чини 8,3 милиони евра, кои се обезбедени преку ИПА фондовите на Европската Унија. Во реализација на проектот Владата учествуваше со 15 отсто од потребните средства.

    Шефот на Делегацијата на Европската Унија амбасадорот Самуел Жбогар рече дека овој проект е дел од активностите финансирани од ЕУ за унапредување на инфраструктурата, која ќе овозможи заштита на животната средина согласно стандардите на унијата.

    „Паралелно со инвестициите во инфраструктурата, ЕУ исто така работи заедно со државата на реформи во секторот води, за да се обезбедат одржливи услуги за водоснабдување на сите граѓани“, рече Жбогар.

    Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки рече дека реализацијата на овој проект е предуслов за реализирање на уште поголем проект за Општина Кичево во рамките на ИПА 2, кој предвидува рехабилитација и изградба на нова канализациска мрежа во должина од приближно 100 километри.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари