КЛУБОТ ЉУБИТЕЛИ НА ВОЗИЛА ГО БЛОКИРА БУЛЕВАРОТ ВО БИТОЛА НА ПРОТЕСТ ЗА ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА

    КЛУБОТ ЉУБИТЕЛИ НА ВОЗИЛА ГО БЛОКИРА БУЛЕВАРОТ ВО БИТОЛА НА ПРОТЕСТ ЗА ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА ГОРИВАТАОд клубот велат дека ова беше предупредувачки протест, следи блокирање магистрални патишта. (Фото: СДК.МК)

    Мирен протест со едночасовно блокирање на сообраќајот од едната страна на булеварот Први мај во Битола денес организираше „Кар клубот“, кој брои 5.000 членови вљубеници во возилата, поради постојаното покачување на цените на горивата.

    „Секоја недела цените се зголемуваат, а државата не излегува во пресрет да ги замрзне цените или да ги намали, да намали од акцизата. Уште пред некоја недела требаше да се замрзнат цените на горивата, зашто од нив зависат сите други цени. Можеби треба да се намали акцизата, имаше два-три пати нејзино зголемување. Нашиот народ е навикнат да пишува само по социјални мрежи и да биде со скрстени раце, ние се одлучивме да дејствуваме“, рече Александар Станковиќ, претседател на „Кар клуб“ Битола.

    Од клубот велат дека ова беше предупредувачки протест, кој ако не вроди со плод, во договори се со други поголеми клубови низ државата да блокираат магистрални патишта.

    Блокадата беше пред Општина Битола која нема врска со Регулаторна комисија, но возачите рекоа дека мора од некаде да се почне.

    „Кар клубот“ организира и присуствува на изложби на возила, а не ги поттикнува возачите на трки. Сегашните цени им ги оневозможуваат активностите, зашто горивото е прескапо да можат да патуваат и присуствуваат на собири во државата и во странство.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира