КОНЕЧНО ПОЧНА ГЛАВНАТА РАСПРАВА ВО СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКАТА КОВИД БОЛНИЦА

КОНЕЧНО ПОЧНА ГЛАВНАТА РАСПРАВА ВО СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКАТА КОВИД БОЛНИЦАСите тројца обвинети и застапникот на Клиничката болница како правно лице се изјаснија дека го разбрале обвинението и дека не се чувствуваат виновни. (Фото: СДК.МК)

По две одлагања, денеска во Основниот суд во Тетово започна судскиот процес за пожарот во модуларата ковид болница во Тетово од 8 септември лани. Јавното обвинителство, после спроведената истрага која траеше речиси една година, покрена обвинение против три физички лица: Флорин Бесими, тогашен директор на Клиничката болница во Тетово, Артан Етеми, тогашен финансов директор на болницата и Бобан Вучевски доктор во болницата. Исто така, обвинение е покренато и против Клиничката болница во Тетово како правно лице.

На почетокот од судењето сите тројца обвинети и застапникот на Клиничката болница како правно лице се изјаснија дека го разбрале обвинението и дека не се чувствуваат виновни, а обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми изјавија дека во интерес судењето што побрзо да заврши, во постапката пред судот ќе се бранат зборувајќи на македонски јазик.

На почетокот од судењето адвокатите на обвинетите доставија до судот доказен материјал и список на сведоци на одбраната. Исто така, адвокатите се пожалија дека немале целосен увид во доказниот материјал кој е во електронска форма, а еден од адвокатите се пожали дека не можел да добие ниту препис на обвинителниот материјал, бидејќи во судот му рекле оти фотокопирот не им работел. Судот ги одби овие приговори, а кога јавниот обвинител започна со читање на доказниот материјал, повторно адвокатите на обвинетите бурно реагираа, бидејќи тој почна да ја чита само листата на докази, додека тие бараа целосно читање на секој доказен материјал.

Откако судијата Јордан Велков побара од јавниот обвинител да продолжи со читањето на листата на докази, адвокатите после секој прочитан доказ даваа приговори на начинот на кој се презентира доказот и дека не е во бараната форма. Исто така, реагираа и на тоа дека јавниот обвинител прочитал доказен материјал кој тие воопшто го немале.

Со цел да се избегне одолговлекувањето на постапката поради чести упади на адвокатите на обвинетите во негирањето на понудените докази, јавниот обвинител се согласи, а судијата Велков го прекина главниот претрес. Продолжението е закажано за 27 декември.

З. АНДОНОВ

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира