КОЦЕ ПРОДОЛЖУВА ДА ЈА ГРАДИ УЛИЦАТА НА КЕЈ ИАКО ИНСПЕКТОР НА ЦЕНТАР ЈА ЗАПРЕ

    КОЦЕ ПРОДОЛЖУВА ДА ЈА ГРАДИ УЛИЦАТА НА КЕЈ ИАКО ИНСПЕКТОР НА ЦЕНТАР ЈА ЗАПРЕИспекторот на Општина Центар дојде заедно со полиција при што изведувачот ја прекинал работата на пола саат, но потоа приложил одобрение за градба издадено од Град Скопје и не сакал да прекине со работа додека не добие решение за запирање на градбата (Фото: СДК.МК)

    Иако инспектор на Општина Центар денеска наредил веднаш да запрат градежните работи на спорната сообраќајница која ќе го пресече шеталиштето на Кеј 13 Ноември во Скопје, што почнаа утринава во 5.45 часот, изведувачот одбил да запре со работа и продолжил со градење. Како што соопшти Општина Центар, и покрај инсистирањето на инспекторот, изведувачот на работите повтoрно приложил одобрение за градба издадено од Град Скопје и не сакал да прекине со работа додека не добие решение за запирање на градбата.

    „Инспекцијата на општината во моментов изработува записник од контролата и во најбрз рок ќе се издаде решение за запирање на работите, по што изведувачот ќе мора да ја врати улицата во првобитната состојба“, вели Општина Центар и додава:

    „Ова претставува грубо кршење на одлуките на Општина Центар и  јасна политичка провокација со цел дефокусирање на јавноста од актуелните политички случувања и насилствата во Собранието. Пред само неколку недели беше променет и ДУП-от со кој се избриша улицата која претходното раководство на Центар ја имаше впишано. Општина Центар бара од Град Скопје да ја поништи дозволата за градба и да се прекинат сите активности кои се спротивни  на законот и волјата на граѓаните. Улица на Кејот нема да има, ваквите постапки предизвикуваат дополнителен револт и конфликт и се грубо кршење на законските одлуки за запирање на изградбата “.

    Ден пред празник, рано утрово продоложи изградбата на спорната улица за која Општина Центар на 19 март донесе забрана за градба.  Кафеанџиите велат дека педесетина работници како на работна акција брзаа да ги извадат плочките додека нема народ.

    На 20 март Советот на Општина Центар изгласа наместо улица на кејот да има шеталиште со клупи, жардиниери и корпи за отпадоци. За Одлуката за утврдување и изглед на градба – пешачки улици и патеки Кеј 13 Ноември од улицата Фипип Втори до објектот на Телеком не гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира