КОВИД АЛАРМ ВО ТЕТОВО, СÈ ПОВЕЌЕ ЗАРАЗЕНИ, А ОД 24 ХОСПИТАЛИЗИРАНИ САМО ЕДЕН НЕ Е НА КИСЛОРОДНА ПОДДРШКА

    КОВИД АЛАРМ ВО ТЕТОВО, СÈ ПОВЕЌЕ ЗАРАЗЕНИ, А ОД 24 ХОСПИТАЛИЗИРАНИ САМО ЕДЕН НЕ Е НА КИСЛОРОДНА ПОДДРШКАКонечно отворена е и новата модуларна ковид болница, засега со 4 болни. (Фото: СДК.МК)

    Ако продолжи со ова темпо, бројот на заразени и хоспитализирани лица со ковид-19 брзо може да ги достигне бројките од ноември-декември лани. Непочитувањето на заштитните мерки, особено при одржување на свадбите и другите масовни свечености, е една од главните причини за зголемувањето на бројот на заразени во Тетовскиот Регион. Според денешната статистика на Министертвото за здравство, во Тетово се активни 229 ковид болни, повеќе и од Скопје со 221. И денеска Тетово беше град со најмногу новозаразени, 60 од вкупно 164.

    Истовремено, Тетово е и град со најмал процент вакцинирани, 19,4 % со една доза.

    „Би рекол дека состојбата со ковид-19 во градот станува алармантна. Сега имаме зголемување на бројот и на новозаразени и на хоспитализирани пациенти. Претходно имавме зголемен број на амбулантски прегледи, само вчера ги имавме 64, што навестуваше дека ќе се зголеми и бројот на заразани лица со ковид-19. Моментално, имаме 24 хоспитализирани пациенти од кои само еден не е на кислородна поддршка. Четворица од овие пациенти се вакцинирани само со една доза вакцина, а еден е комплетно вакциниран и тој е на 67-годишна возраст. Другите пациенти се на возраст помеѓу 31 и 37 години, а има и со над 65 години. Сите хоспитализирани лица најчесто се со прекумерна тежина, срцева слабост, бубрежни проблеми, а некои се и со респираторни и хронични болести“, вели вели д-р Гзим Нуредини, раководител на Ковид-центарот во Клиничката болница во Тетово.

    Тој вели дека сето ова го усложнува терапевтскиот пристап во нивното лекување.

    „Една од причините за зголемен број заразени се свадбите и другите свечености кои се организираат во овој период. Ние имаме и пациенти дојдени од надвор кои се позитивни на ковид-19, најверојатно тоа се импортирани случаи. Имавме 6 вакви случаеви со лица кои беа дојдени од Германија и Италија“,  вели д-р Нуредини.

    И покрај постојаното зголемување на бројот на новозаразени, во Клиничката болница во Тетово засега има доловно слободни кревети, а по повеќемесечно одлагање, конечно проработи и модуларната болница за пациенти со ковид-19.

    „Во Клиничката болница има доволно слободни кревети, а од неодамна започна да работи и мoдуларната болница во која веќе има 4 пациенти. Во тек е менаџирарање на процесот и според насоките кои ќе ги добиеме од инфектолозите ќе одредиме кои пациенти тука ќе бидат сместени. Сега пациентите се сместуваат на три места, во Инфективното одделение, на Интерното одделение и во модуларната болница, но ако се јави потреба лесно може да ставиме во функција уште некое одделение“, вели д-р Нуредини.

    Д-р Нуредини вели дека во овој период е зголемен бројот на лицата што се тестираат па така се откриваат и поголем број заболени, но напоменува дека граѓаните како да заборавиле на мерките, не одржуваат дистанца, има групирања, не се носат маски, а некои се однесуваат како пандемијата да е завршена.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира