КРАДЕЦ БЕГАЈЌИ ПРЕД ГОНИТЕЛИТЕ СКОКНАЛ ВО ВАРДАР ДА СЕ СПАСИ, НО ПОЧНАЛ ДА СЕ ДАВИ ПА БАРАЛ ПОМОШ

    КРАДЕЦ БЕГАЈЌИ ПРЕД ГОНИТЕЛИТЕ СКОКНАЛ ВО ВАРДАР ДА СЕ СПАСИ, НО ПОЧНАЛ ДА СЕ ДАВИ ПА БАРАЛ ПОМОШПреку еден од сокаците во центарот на Велес, крадецот стасал до Вардар и скокнал во реката, набргу стигнал до Мало мовче, но од ладната вода на Вардар почнал да бара помош, а го спасил еден минувач. (Фото: СДК.МК)

    Крадец украл пари од месарница во центарот на Велес, а откако бил откриен бегајќи се фрлил во Вардар, па барал помош за да не се удави. Ова се случи во петокот вечерата, а полицијата потврди дека крадецот А. К. (45) е фатен и случајот расчистен.

    Според сведоци кои учествувале во фаќањето на крадецот, сè било како во филм.

    „Вработениот во месарницата беше излезен надвор, а влезе некое лице и за кратко испадна од дуќанот. Кога вработениот нешто го праша и се обиде да го сопре, тој почна да бега. Истрча преку блиската железничка рампа и низ месноста Дворови траеше бркотница. Преку еден од сокаците, тој стаса до Вардар и скокна во реката“, вели очевидец.

    Крадецот бегалец набргу стигнал до Мало мовче, но од ладната вода на Вардар почнал да бара помош. Друг сведок кој бил кај мовчето раскажува што  се случувало таму.

    „Слушнав викање ‘помош, помош’. Во мракот не се гледаше кој и каде е, но гласот доаѓаше од реката. Го слушна друг минувач и се симна до брегот, сакаше да скокне да го вади, но давеникот беше близу и со помош на една даска која му ја даде човекот, тој се фати и излезе на брегот“, вели очевидецот.

    Таму веќе била полицијата и екипа на Итната помош, а дежурниот доктор му дал прва помош. Сведоците тврдат дека крадецот бегалец бил силно мускулесто лице. Од МВР за настанот велат дека случајот е расчистен, без многу детали.

    „На 03.01.2020 во 19.05 часот во СВР Велес Т. Ќ. (45) од Велес, вработен во продажен објект на ул. Страшо Пинџур во Велес, пријавил дека околу 18.30 часот едно лице влегло во објектот и одзело пари. По преземени мерки од страна на полициски службеници од СВР Велес бил пронајден А. К.(45), со него бил извршен разговор и случајот е расчистен“, соопшти МВР.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира