КУМАНОВО ДОБИ НОВА ГРАДИНКА СО КАПАЦИТЕТ ЗА 60 ДЕЦА

    КУМАНОВО ДОБИ НОВА ГРАДИНКА СО КАПАЦИТЕТ ЗА 60 ДЕЦАГрадинката се наоѓа во приземјето на некогашниот Пионерски дом, на површина од 350 метри квадратни, а на отворањето присуствуваше и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. (Фото: СДК.МК)

    Шеесетина деца ќе бидат згрижени во новата детска градинка „Детелинка“, која денеска почна да работи во состав на ЈДУ „Ангел Шајче“ во Куманово.

    Градинката се наоѓа во приземјето на некогашниот Пионерски дом, на површина од 350 метри квадратни. Има три занимални со една група јасли и две групи поголеми дечиња, потоа гардероби, кујна и тоалети.

    На отворањето на градинката присуствуваше министерката Мила Царовска, која рече дека заложба на Владата е за 50 проценти да се зголеми сместувањето на децата во градинките.

    „Министерството за труд и социјална политика и Владата за овој објект вложија околу 5 милиони денари, инвестиција која секогаш ќе даде резултати. Вложувањето и инвестицијата во најмалите дава економски раст на државата многу подоцна. Во 2019 година со Светска банка и со Владата стартуваме со една програма за унапредување на квалитетот на претшколското образование, затоа што програмата треба да е прилагодена на новите општествени текови“, рече Царовска.

    Во наредниот период Општина Куманово треба да изготви и проект за целосна реконструкција на Пионерскиот дом, по што Владата ќе обезбеди средства за негова реализација и со тоа целиот објект ќе биде пренаменет за претшколска установа.

    Реконструкцијата на дел од Пионерскиот дом почна во август лани, а беше планирано да заврши до средината на септември. Но, поради проблеми на кровната конструкција и гасификација на објектот отворањето задоцни 8 месеци.

    Во Куманово во состав на градинката „Ангел Шајче“ работат 7 објекти и два центри за ран детски развој во кој се сместени над 1.800 деца. Но потребите на градот се многу поголеми и со години родителите имаат сериозни проблеми со сместување на децата. На листата на чекање има повеќе од 700 деца.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира