КУМАНОВО НЕМА ЈАВЕН ПРЕВОЗ, ОПШТИНАТА НЕМА РЕШЕНИЕ ЗА ПРОБЛЕМОТ

    КУМАНОВО НЕМА ЈАВЕН ПРЕВОЗ, ОПШТИНАТА НЕМА РЕШЕНИЕ ЗА ПРОБЛЕМОТOд 1 јануари, Куманово остана без градски превоз, оти Општината не ја заврши постапката за избор на нови фирми за превоз на патници. (Фото: СДК.МК)

    Општина Куманово четири дена не дава конкретен одговор како ќе го реши превозот на граѓаните во преодниот период додека да заврши тендерската постапка за избор на превозници за јавниот градски превоз. Oд 1 јануари, Куманово остана без градски превоз, оти Општината не ја заврши постапката за избор на нови фирми за превоз на патници. Од Општината во кусо соопштение одговорија дека активно се работи на доделување на лиценци за вршење на јавен превоз, во постапка која е во тек.

    „При водење на постапката најпрвин се зема интересот на граѓаните, да им се обезбеди квалитетен, еколошки и безбеден јавен превоз, а не како во претходниот период да се води интерес за превозните компании на штета на услуга кон граѓаните. Во најкус можен рок, по целосна проверка на поднесените пријави за јавен превоз и утврдување на, пред сè, еколошките и безбедносни параметри на возилата, кои се понудени од страна на превозниците, ќе бидат донесени и соодветни решенија и одлуки, со цел граѓаните на Куманово да добијат градски превоз, согласно сите европски стандарди“,  соопшти Општина Куманово.

    Во Општина Куманово јавен градски превоз користат над 15.000 граѓани, од тоа 5.000 ученици во основните и средни училишта. Без јавен превоз, жителите на Куманово осе оставени сами да се снаоѓаат. Проблемот со градскиот превоз настана поради тоа што доцни изборот на нови фирми за превоз на патници. Во меѓувреме, жителите на приградските населби на работа одат пешки, со такси или ги возат сопствениците на фирмите во кои работат.

    Во моментов, Комисијата за спроведување на постапка за избор на превозници за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово ги разгледува понудите на учесниците на тендерот и откако ќе заврши проценката ќе се знае кои фирми ќе бидат ангажирани да го спроведат превозот во општината. Иако од Општината најавуваат дека проблемот ќе се реши во најкус можен рок, сепак постапката може да се одолговлече и неколку месеци ако има жалби и приговори по направениот избор на превозници.

    Граѓаните сметаат дека задоцнетата тендерска постапка оди на нивна штета и ќе предизвика не само дополнителни трошоци за обезбедување превоз, туку и секојдневни потешкотии за навремено извршување на работните задачи и неопходните потреби.

    Од општинската организација на СДСМ Куманово го обвинија градоначалникот Максим Димитриевски дека „во предизборната трка да склучи коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за да го одржат на власт, заборавил да распише тендер за јавен градски превоз и ги остави граѓаните на милост и немилост сами да се снаоѓаат“.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира