МЕЧКИТЕ ОД ШАР ПЛАНИНА СЕ СПУШТААТ ДУРИ ДО ТЕТОВО

    МЕЧКИТЕ ОД ШАР ПЛАНИНА СЕ СПУШТААТ ДУРИ ДО ТЕТОВОНа Шар Планина има над дваесетина мечки од кои само во атарот на село Доброште има регистрирано 12, велат од единственото здружение за заштита на мечките „Шари Беар“. (Фото: Фејсбук)

    Мечките од Шар Планина почнаа да доаѓаат сè поблиску до Тетово. Неодамна, додека се шетале во познатото излетничко местo Бањиче, тетовци снимиле една мечка како спокојно се храни. Таа воопшто не била агресивна и брзо се скрила во густата шума покрај патот. Местото каде е забележана мечката е само на 3-4 километри воздушна линија од Тетово. Ова не е првпат мечките од Шар Планина да се спуштаат близу до населените места. Ваков случај повеќе пати бил забележан и во тетовското село Доброште.

    Мечките во Македонија, со Законот за ловство од 1996 година, како редок дивеч се ставени под заштита и не смее да се ловат.

    Во Доброште постои и здружение „Шари Беар“ чија цел е да му помогнат на овој редок и заштитен дивеч да преживее на Шар Планина.

    Имаме пунктови-хранилници каде им оставаме храна за да избегнеме мечките, барајќи храна, да прават штети по бачилата и пчеларниците. Мечките ги знаат овие места каде им оставаме храна и редовно доаѓаат. Овде имаме поставено автоматски камери кои ги снимаат мечките и така ја следиме нивната состојба, велат од „Шари Беар“. (Фото: Фејсбук)

    „Треба да се знае дека ако мечките имаат доволно храна тие не напаѓаат ниту на бачилата со овци, ниту на пчеларниците, ниту на луѓето. Преовладува мислењето дека мечките се опасни животни и напаѓаат луѓе, но не е така. Тие се плашливи животни и ако во шумата случајно се сретнат со човек, тие не напаѓаат туку бегаат. Многу, многу ретко прават штета. Навистина, неодамна една мечка слезе до нашето село и се наслади со мед од еден пчеларник, но тоа беше само инцидентен случај, а не редовна појава. Според наша евиденција, на Шар Планина има над дваесетина мечки од кои само во атарот на село Доброште имаме регистрирано 12 мечки“, вели Ирфан Селими, претседател на „Шари Беар“.

    Здружението „Шари Беар“ е едно од ретките ако не и единствено кое се грижи за мечките. Неговите членови секојдневно на посебни пунктови им носат храна на мечките, за да им помогнат во исхраната и за да не дојдат во искушение да нападнат некое бачило или пчеларник.

    „Порано мечките многу ги убиваа. Иако како животниски вид се заштитени, поради кривиловството, палењето и сечењето на шумите, посебно после 2001 година, бројот на мечките на Шар Планина многу се намали. Сега состојбата е многу подобрена и одамна не сме забележале некоја мечка да биде застрелана. Но, и покрај ова ние од здружението „Шари Беар“ сме организирани и се грижиме за мечките и редовно им носиме храна, пченка, зеленчук, јаболка. Имаме пунктови-хранилници каде им оставаме храна за да избегнеме мечките, барајќи храна, да прават штети по бачилата и пчеларниците. Мечките ги знаат овие места каде им оставаме храна и редовно доаѓаат. Овде имаме поставено автоматски камери кои ги снимаат мечките и така ја следиме нивната состојба. Имаме снимено и еден мечок кој, според наша проценка сигурно имаше неколку стотини килограми, а кога се исправи висок беше речиси три метри. Тој, откако се најаде од храната што ја оставивме, мирно си замина во шумата“, кажува Селими.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира