Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски најавува меѓународен конкурс за просторот кај Расадник. Ѓорѓиевски вели дека постапката за носење на Деталниот урбганистички план со кој се предвидени 99 нови згради е стопирана и што ќе се гради на овој простор ќе се одлучи преку конкурс.
„Согласно барањата на граѓаните, заклучно со февруари ќе биде објавен меѓународен конкурс за изработка на идејно решение за Деталниот план ‘Расадник‘, по што најдоброто решение ќе го изберат граѓаните. По изборот на идејното решение, ќе се пристапи кон изработка на новиот Детален урбанистички план за овој дел од општината“, вели Ѓорѓиевски.
Сегашниот ДУП предвидува изградба на околу 100 нови згради на последното големо зеленило во Скопје, на само 2 километри од центарот на градот, со што дополнително ќе се загрозат и онака лошите и нехумани услови за живеење во овој дел од општината. Граѓаните на Кисела Вода летоска излегоа на протести против лошиот ДУП и побараа минимум 40% јавно зеленило на просторот, катни гаражи, градинки, спортски терени, детски игралишта, училишта, поликлиника, велосипедски патеки.
Ѓорѓиевски вели дека со неговото доаѓање на функцијата јавно се објавени сите Детални урбанистички планови и дека во неговиот мандат ќе се бори против урбаната мафија.
„Во Општина Кисела Вода има точно 53 важечки урбанистички планови, а заклучно до моето преземање на функцијата градоначалник, на општинскиот ГИС портал беа објавени само 20. Во изминативе 60 дена, извадивме од фиока 33 урбанистички планови, ги дигитализиравме и јавно ги објавивме на веб страната на Општината“, рече Ѓорѓиевски и ги повика граѓаните да направат увид во урбанистички планови и сите забелешки, сугестии и предлози за измени, дополнувања или укинувања на цели или делови од плановите да ги достават во Општината во рок од 30 дена.
А. АНТЕВСКА