Советот на Општина Тетово на својата последна седница оваа година донесе одлука во градот да се откаже новогодишната забава за дочекот на Новата година на градскиот плоштад, а за тоа предвидените 600.000 денари да се пренаменат за поправка на покривот на основното училиште „Лирија“, едно од најстарите во градот.
“Иницијативата за откажување на новогодишната забава и за пренамена на средствата прво беше поднесена пред комисијата за финансии при Општина Тетово каде беше едногласно усвоена. Потоа, предлогот беше доставен до Советот на општината каде денеска сите советници едногласно ја усвоија. Мислам дека со ова направивме добра работа бидејќи, на училиштето навистина им се неопходни овие парични сретства за што поитна санација на покривот,“ изјави Ермира Фида, претседател на комисијата за финасиски прашања при Општина Тетово.
Минатиот месец, по обилните дождови кои го зафатија Тетово, на неколку места протече покривот на „Лирија“. Во ходникот и во неколку училници почна да паѓа малтер, со што беа загрозени животите на учениците кои учеа на вториот спрат од училиштето. Поради ова, целиот втор кат од училиштето беше затворен, сега учениците учат во другите училници во приземјето и подрумот, а наставата се одвива во три смени со скратени часови.
Од Општината велат дека е завршена тендерската процедура и се очекува за време на распустот покривот да биде поправен. Освен ова, Советот на Општина Тетово донесе одлука од буџетот за 2017 да издвои 25 милиони денари за целосна реконструкција на школото.
З. АНДОНОВ