МИНОСКИ И ЦВЕТКОВ ДА ПРЕСТАНАТ ДА ЛАЖАТ ЗА СУБВЕНЦИИТЕ, ПОБАРАА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО СТРУМИЧКО

    МИНОСКИ И ЦВЕТКОВ ДА ПРЕСТАНАТ ДА ЛАЖАТ ЗА СУБВЕНЦИИТЕ, ПОБАРАА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО СТРУМИЧКОНа блокадата во струмичко дојдоа и земјоделци од Радовиш кои побараа државата да ги обесштети оти ниските температури им ги замрзнале лозовите и овошните насади. (Фото: СДК.МК)

    Струмичките земјоделци кои го блокираа патот кон Радовиш побараа Владата да престане со манипулациите со исплатата на субвенцитие. Тие со натоварени трактори со пролетна зелка цел час го блокираа сообраќајот за дa испратат порака до министрите за земјоделие и за финансии, Михаил Цветков и Кирил Миноски, да престанат со лагите и веднаш да ја отпочнат постапката за исплата на субвенциите.

    „Бараме средба со министрите не само за исплатата на субвенциите туку и да ни помогнат во врска со ниските откупни цени, да интервенираат оти сè уште имаме неисплатено производство од лани. Доколку министрите за земјоделие и финансии останат глуви на нашите барања ќе ги радикализираме нашите чекори“, кажа Ристо Велков од Сојузот на синдикатите на земјоделски производители.

    На блокадата дојдоа и земјоделци од Радовиш кои побараа државата да ги обесштети оти ниските температури им ги замрзнале лозовите и овошните насади.
    „Нека дојде комисија и овде да види оти ќе немаме никаков род. На телевизија велат дека комисии шетале, но каде се. Лани собрав 7 тони грозје, годинава нема да наберам ниту седум грама. Треба да нè обесштетат и да нè ослободат од некои давачки, а под итно да ни се иплатат субвенциите“, кажа Раде Стојковски од Радовиш.

    Исплатата на субвенциите е блокирана речиси седум месеци поради Изборниот законик. Владата им должи на земјоделциите субвенции од повеќе години, а за ланската година само дел од субвенциите се исплатени.

    В. Трајков

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира