МИСЛЕВ ДЕКА НЕ ЗНАМ ДА ЧИТАМ, А ВСУШНОСТ ИМАМ ДИСЛЕКСИЈА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ВЕЛЕС МАРКО КОЛЕВ КОЈ СЕ БОРИ ПРОТИВ ПРЕДРАСУДИТЕ ЗА ДИСЛЕКСИЧНИТЕ ДЕЦА

    МИСЛЕВ ДЕКА НЕ ЗНАМ ДА ЧИТАМ, А ВСУШНОСТ ИМАМ ДИСЛЕКСИЈА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ВЕЛЕС МАРКО КОЛЕВ КОЈ СЕ БОРИ ПРОТИВ ПРЕДРАСУДИТЕ ЗА ДИСЛЕКСИЧНИТЕ ДЕЦАДислексијата не е болест, туку е состојба, затоа ги охрабрувам децата, родителите, системот, наставниците да се надминат предрасудите, вели Колев. (Фото: Градоначалник на Велес)

    Градоначалникот на Велес Марко Колев јавно проговори за неговата дислексија, состојба при која мозокот различно ги процесира пишаниот или говорниот јазик и која примарно се поврзува со тешкотии во читањето, но може да влијае и на пишувањето, а понекогаш и на говорот. Вели дека целта му е да ја подигне јавната свест, бидејќи многу деца го имаат овој проблем и се дискриминирани од соучениците. Октомври е светски месец на дислексијата.

    Првото и засега единствено истражување за дислекцијата во средните училишта во земјава во 2018, заклучи дека 12.2% од учениците во прва година во испитаните средни училишта имаат знаци на умерена или изразена дислексија.

    „Дислексијата не е болест, туку е состојба. Случајно дознав дека ја имам и тоа пред три години, на 35-годишна возраст. Цел живот се мачев, мислејќи дека не знам да читам. Очите, мозокот и изговорот не се координирани, што прави проблем при читањето. Нема течно читање и тоа е дислексија. Децата со дислексија потешко читаат, тешко се изразуваат, неправилно пишуваат. Тие читаат на глас. Тоа прави проблем во нивниот образовен процес“, вели Колев.

    Вели дека како градоначалник, но пред се како човек кој има дислексија, се обврзал дека Општина Велес ќе биде првата општина од која ќе започнат промените за подигање на свеста и едукација на наставниот кадар.

    „Молчев за овој проблем, стравував да не се злоупотреби. Решив јавно да проговорам, оти состојбата во училиште за овие деца е драматична. Тие се повлекуваат во образовниот процес, не се охрабруваат да се живеат со состојбата, психичкиот момент е тежок, а деградацијата од другите деца кои добро читаат и пишуваат е на високо ниво. Тоа е сериозен проблем“, вели Колев.

    Децата со дислексија потешко читаат, тешко се изразуваат, неправилно пишуваат. Тие читаат на глас. Тоа прави проблем во нивниот образовен процес, вели Колев; – Со ученикот Дамјан кој има дислексија. (Фотографија објавена со дозвола на родителите)

    При неодамнешната посета на основното училиште „Васил Главинов“ во Велес, по повикот од родителите дека ученик има дислексија, Колев увидел дека уште 3-4 деца се борат со сличен проблем. Затоа сам на себе си дал задача да им помогне на сите деца од општината кои имаат дислексија. Организираше прва обука во Велес, на тема „Дислексијата во училницата – стратегии и алатки“, која беше заедно со Здружението за дислексија „Ајнштајн“ од Скопје. Со оваа обука беа опфатени наставниците од второ одделение и стручните служби, педагози и психолози, од сите училишта во Општина Велес.

    „Јасно, недвосмислено зборувам и ја подигнувам јавната свест. Кај нас многу малку или воопшто не се зборува за дислексијата. Тоа е табу тема. Може да се случи детето да се повлече, да не го заврши средното образование и да замине во други непосакувани животни патеки. Според тоа што го имам читано, децата со дислексија се со иста интелигенција како и другите. Ако рано се открие, има многу техники кои помагаат на учениците. Потребно и разбирање од наставниците, да не се форсираат овие деца со читањето“, рече Колев.

    Лицата со дислексија можат да ги разберат комплексните идеи, но потребно им е повеќе време за анализа на поединечните информации и детали. Според светските статистики голем број ученици се соочуваат со ваков вид тешкотии. Во Македонија досега освен истражувањето во 2018 нема друго за застапеноста на дислексијата кај учениците ниту, пак, постоел инструмент за нејзина проценка, наменет за македонската и албанската популација на ученици. Родителите, наставниците и педагошко-психолошките служби во училиштата, но и самите ученици не се доволно информирани за оваа состојба кај учениците, велат од „Ајнштајн“.

    Колев  вели дека кога чита на јавните настапи, потребен му е контраст помеѓу бојата на хартијата и бојата на буквите. Кај него листовите треба да се во жолта боја, но тоа е индивидуално, од случај во случај. Текстот што го подготвува е краток со силни пораки. Раскажува дека мајка му му ги читала книгите по предметите за испити на ПМФ во Скопје, а тој слушал. Така завршил и станал дипломиран професор по географија.

    „Сакам да покажам пример, дека и јас лице со дислексија сум дошол до некоја положба во државата и затоа ги охрабрувам децата, родителите, системот, наставниците да се надминат предрасудите“,  вели Колев.

    Од „Ајнштајн“ велат дека е важно да се нагласи оти дислексијата не е болест и во никој случај не треба да се зборува за дислексијата како „дијагноза“ што претставува медицински термин.

    „Кога се зборува за состојбите со отежнато читање и пишување, треба да се зборува за идентификација или препознавање на дислексијата како тешкотија. Голем број деца што имаат проблеми со читањето и пишувањето, често се етикетирани како глупави, мрзеливи, а во некои случаи и како ученици со ментална попреченост. Со оглед на фактот дека учениците со дислексија се со просечна и најчесто со натпросечна интелигенција, разбирливо е дека ќе доживуваат фрустрации и лоша слика за себе, што понатаму може да се рефлектира и во начинот на однесувањето“, велат од „Ајнштајн“.

    Колев како пример од земјите на Балканот ја посочи Хрватска, каде лицата со дислексија при полагање на возачки испит имаат ментор или читач, немаат временско ограничување на тестот. Приемнете испити на факултет се различни за младите со дислексија.

    Бројни славни личности се дислексични, најпознатите се научникот Алберт Ајнштајн, основачнот на „Епл“ Стив Џобс, актерот Том Круз, возачот на формула-1 Луис Хамилтон.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира