На фирмите и компаниите кои веќе ја платиле фирмарината за 2020 година, ќе им бидат вратени 3.000 денари. Град Скопје како дел од мерките за помош на стопанството погодено од пандемијата на КОВИД-19, донесе одлука за намалување на фирмарината за оваа година од 7.000 на 4.000 денари.
Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов велат дека оние обврзници кои веќе извршиле уплата со целосниот износ наведен во решението, ќе им се даде можност да одберат, дали сакаат 3.000 денари да им се вратат на сметка по завршување на вонредната состојба или да им се префрлат за наредната година.
„Уште еднаш повторуваме дека во времетраење на вонредната состојба, нема да се постапува по опомените кои се доставени до обврзниците на данок на имот и до обврзниците на комунална такса и нема да се врши присилна наплата на заостанатите неплатени долгови“, велат од Град Скопје.
Покрај намалување на фирмарината Град Скопје како мерки за помош на стопанството донесе одлука комуналната такса за закуп на јавен простор да се намали од 15 на 5 денари по квадрат за цела 2020 година, комуналиите да се плаќаат на 18 наместо на 12 месечни рати и им се препорача на училишните одбори закупувачите на простор во средните училишта да бидат ослободени од месечните кирии за целокупното времетраење на вонредната состојба.
Градоначалникот Шилегов најави дека Град Скопје ќе земе кредит, за да може домашните фирми да работат на изградба на улици, мостови и комунална инфраструктура. Наместо за луна паркот, Градот ќе се задолжи за 12 милиони евра, за да се овозможи граѓаните кои работат во стопанството да ги задржат своите работни места и полесно да ги пребродат економските последици од справувањето со пандемијата на КОВИД-19.
А. АНТЕВСКА