НА ПАТОТ БИТОЛА – ГРЧКА ГРАНИЦА НЕ СЕ КРПАТ НИ ДУПКИТЕ, А НОВ ЕКСПРЕСЕН ПАТ ОСТАНА САМО ВО ВЕТУВАЊАТА ОД ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ

    НА ПАТОТ БИТОЛА – ГРЧКА ГРАНИЦА НЕ СЕ КРПАТ НИ ДУПКИТЕ, А НОВ ЕКСПРЕСЕН ПАТ ОСТАНА САМО ВО ВЕТУВАЊАТА ОД ПРЕД ДВЕ ГОДИНИСе префрлаат 2 милиона евра за некоја клучка во Скопје, а ние зборуваме за истите пари за пат од 22 километри низ рамница кој ја поврзува државата со граничен премин на ЕУ, реагираат Битолчани на нереализираните ветувања на централната власт - (Фото: СДК.МК)

    Експресниот пат од Битола до грчка граница засега останува исцртан само на хартија во проектите и во ветувањата на политичарите дадени уште пред две години. На терен не се реахабилитира ни постоечкиот пат, кој е единствена сообраќајна врска од југозападна Македонија кон Грција. Патот е стар, нерамен, полн со крпени дупки, зарастен со трева и грмушки, а е на прагот на ЕУ.

    „За 30 години македонска независност, низ овој пат кој води за грчка граница сме виделе од автомобилско рели со цел да ги поврзе Битола и Лерин, до блокади и спуштени рампи. Но, подобар пат никогаш не сме виделе. Ова е меѓународен пат, а има само две ленти со максимална брзина од 70 километри на час“, велат жителите од Крвари.

    Рехабилитација на постоечкиот пат за Грција пред две години вети тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески. Имаше изјавено дека ќе чини 2,5 милиони евра, средства обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а ќе се спроведе напролет во 2020 година. Но не беше рехабилитиран ни во 2021, во месеците пред летотото кога преминот беше затворен и немаше фреквенција на возила. Напоредно, тој вети дека ќе се изработи и проект за експресен пат за граница.

    „Не бараме многу, изгребете го стариот асфалт и турете нов. Колите си ги искршивме. На сите гранични премини каде што имам одено, патот до нив е со нов асфалт, само Меџитлија е како црна овца. Како одговорен граѓанин на оваа држава без денар долг кон истата по било кој основ, прашувам дали ние од Битола не заслуживме рехабилитиран пат до Меџитлија после 30 години самостојност на Македонија? Се префрлува сума од 2 милиона евра за реконструкција на некоја клучка во Скопје, а ние овде зборуваме за пат од 22 километри низ рамница кој ја поврзува државата со граничен премин на ЕУ“ , реагира Драган Вељанов, НВО активист кој подолго време во јавноста се залага за реконструкција на патот.

    Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при последната посета на Пелагонискиот Регион минатата недела рече: „Во  овој момент, размислуваме на динамичките планови да го завршиме патот Прилеп-Градско, секако размислуваме на автопатот Прилеп-Битола и на изградбата на експересниот пат Битола-Меџитлија. Во целиот овој регион се работи и ќе ги следиме состојбите, колкав е бројот на превезени патници, на стока, на возила по овие рути, зашто ако е потребно потоа треба да се направи предимензионирање, отворање на нови рути“, рече Бочварски.

    При неговата посета во Битола во септември 2020, најави дека уште во октомври истата година преку ЈП за државни патишта ќе се објави тендер за рехабилитација на патниот правец од Битола за Меџитлија, и дека веќе се врши проектирање на нов екпресен пат со обиколница од Битола за граничниот премин.

    Во Годишната програма на ЈП за 2021 пишува дека ако се обезбедат средства за тековната година се планира да почнат со изградба на експресниот пат. Во известувањето на претпријатието за намера за изведување на проект за експресен пат А3 делница Битола-граничен премин, пишува дека вкупна должина ќе биде 22,15 километри.

    „Во време на изработка на овој проект, целокупниот (лесен и тежок) транзитен сообраќај на релација од граничен премин Меџитлија кон Битола, а потоа кон Прилеп или кон Ресен и Охрид, минува низ центарот на град Битола или по некои магистрални градски улици, што многукратно го зголемува и отежнува нормалното функционирање на локалниот градски сообраќај и ја загрозува животната средина и квалитетот на живеење на населението. За надминување на оваа состојба се јавува потреба од определување на сосема нов патен правец“, велат од ЈП за државни патишта.

    Во меѓувреме, не проработи ни железничката линија од Битола за Грција иако веќе е одбновена од пред две години, а поставени се и тараби за безбедност. Не се отвори ни граничниот премин Маркова Нога, за што секако влијание имаше и пандемијата и намалениот број функционални гранични премини меѓу двете држави.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира