НАЕСЕН ЌЕ РАСПИШЕМЕ ТЕНДЕР ЗА 40 АВТОБУСИ НА ГАС СО КОИ ГОДИШНО ЌЕ ЗАШТЕДИМЕ 900.000 ЕВРА, НАЈАВИ ШИЛЕГОВ

    НАЕСЕН ЌЕ РАСПИШЕМЕ ТЕНДЕР ЗА 40 АВТОБУСИ НА ГАС СО КОИ ГОДИШНО ЌЕ ЗАШТЕДИМЕ 900.000 ЕВРА, НАЈАВИ ШИЛЕГОВАвтобусите ќе се набават со кредитот од Европската банка за обнова и развој, со каматна стапка од 1 отсто, 3 години грејс период и 7 години рок на отплата.(Фото: Град Скопје)

    Со кредит од Европската банка за обнова и развој во висина од 10 милиони евра Скопје догодина ќе добие 40 нови автобуси на гас, најави денеска градоначалникот Петре Шилегов.

    Кредитот ќе биде со каматна стапка од 1 отсто, 3 години грејс период и 7 години рок на отплата. Тендерот ќе биде распишан на есен а до крајот на годинава се очекува да биде избрана фирмата од која ќе бидат набавени. Предвидено е 2​/3 да бидат зглобни нископодни со капацитет за 150 патници, а остатокот единечни. Според проценките на Градот и ЈСП„Сопје“ заштедата која ќе ја има претпријатието со новите автобуси на гас споредбено со кинеските дизел е 60 евра од еден автобус дневно, односно годишно со набавката на 40 автобуси ќе се заштедат од 700.000 до 900.000 евра.

    „Целта на оваа набавка е Скопје да добие модерен јавен транспорт, кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот. До сега низ Скопје пробно сообраќаа неколку еко автобуси од различни производители. Имавме три автобуси на гас и еден електричен автобус. Целта беше да стекнеме искуства и најдобро да оцениме кој тип на автобус е најсоодветен за сообраќајот. Автобусите на гас се покажаа како најсоодветни за градот. Споредено со потрошувачката на старите дизел- автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП. Најголемата предност е тоа што речиси воопшто не го загадуваат воздухот“, рече градоначалникот Шилегов.

    Шилегов рече дека набавката на овие автобуси значително ќе го подобри функционирањето на „ЈСП Скопје“ и ќе ги намали трошоците на неговото работење, бидејќи 202 автобуси, што беа набавени пред 7 години се со лош квалитет, истите често се расипани, а во случајот со кинеските автобуси, поради непостоење на овластен застапник не постои можност за нивна сервисна и техничка поддршка.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира