Најдоцна до септември 2019 ќе биде готов проктот за изградба на тунелите под Кале, по што ќе се распише тендер за изведувач. Градоначалникот Петре Шилегов денеска на прес-конференција го најави почетокот на реализацијата на проектот тунели под Кале и нов мост преку реката Вардар, за поврзување на северната страна со центарот на градот. Како што кажа Шилегов, оваа недела ќе се распише тендерот за проектирање.
„Во тендерот се бара проектот да биде изработен во период од 8 до 10 месеци, а за него од буџетот се издвоени пола милион евра. Јас очекувам дека наредната есен ќе имаме квалитетен документ врз основа на кој ќе бараме изведувач за изведба на овој капитален проект за град Скопје. Според анализите, изградбата на тунелите би чинело околу 25 милиони евра. Сè уште е рано да зборуваме дали ќе се вклучи Владата со финансиска помош, но во најлош Град Скопје сам ќе го гради, бидејќи немаме алтернатива освен да изградиме вакви рути кои ќе го намалат метежот и ќе му дадат развој на Скопје“, рече Шилегов.
Како што беше презентирано, сообраќајницата ќе почнува од булеварот Свети Климент Охридски и ќе биде издигната на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата на РМ сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку реката Вардар кој ќе биде долг 173 метри, а широк 20 метри и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри сè до влезот во тунелот под Калето. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри, над Пластичарска улица.
„Досега никој не направил проект за овој капитален проект со кој ќе ставаме крај на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Го растоваруваме сообраќајот на Бит пазар, Цветан Димов и на мостот Гоце Делчев. До саканата дестинација ќе се стига за најмалку 5 до 20 минути побрзо за разлика од сега. Тоа придонесува за заштеда на време и на гориво, а намалениот обем на сообраќај значи и почист воздух во Скопје“, рече градоначалникот Шилегов.
А. АНТЕВСКА