НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЌЕ БАРА УВИД ВО РАБОТАТА НА ИНСПЕКТОРИТЕ, ОТИ СЕКАДЕ СЕ ПУШИ И СЕ ТОЧИ АЛКОХОЛ НА МАЛОЛЕТНИЦИ

    НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЌЕ БАРА УВИД ВО РАБОТАТА НА ИНСПЕКТОРИТЕ, ОТИ СЕКАДЕ СЕ ПУШИ И СЕ ТОЧИ АЛКОХОЛ НА МАЛОЛЕТНИЦИОмбудсманот иЏЕТ Мемети се согласи дека оваа појава не е само во Струмица туку низ цела држава, и затоа ќе покрене иницијатива за мониторинг на работата на инспекторите за тоа колку излегуваат на терен, вршат контроли и дали и по кој основ изрекуваат казнИ (Фото: СДК.МК)

    Народниот правобранител ќе покрене иницијатива за мониторинг на инспекторите за нивната работа во извршените контроли и изречените казни за пушењето во јавни простории и точењето алкохол на малолетници, најави Иџет Мемети на трибината за поголема соработка со локалните самоуправи за заштита на правата на граѓаните во Струмица, откако преставници на невладините организации се пожалија дека на големо се точи алкохол на малолетниците во ноќните клубови, а се пуши не само во угостителските капацитети туку и во јавните институции, додека инспекторите ги нема на терен.

    „Знам дека немате ингеренции врз приватниот сектор, но сигурно можете да дејствувате кај инспекциските служби за да утврдите колку одговорно и професионално работат на терен. Овде во Струмица и понатаму се точи алкохол на малолетници низ угостителски капацитети каде на големо се пуши, а нема инспектори. Сигурно можете да покренете самостојна некоја иницијатива колку толку да ги заштитите нашите права“, рече Борис Гудев од невладината „Избор“ од Струмица.

    Омбудсманот Мемети се согласи дека оваа појава не е само во Струмица туку низ цела држава, и затоа во наредниот период ќе покрене иницијатива за мониторинг на работата на инспекторите за тоа колку излегуваат на терен, вршат контроли и дали и по кој основ изрекуваат казни.

    „Не се амнестираме од овој проблем. Еве отворено кажувам дека ќе бараме да видиме дали и како работат инспекторите во тој поглед, бидејки при едно наше истражување констатиравме дека инспектор за животна средина од Гостивар кој има надлежност да ги штити интересите на граѓаните согласно законот, воопшто не излегол на терен и не знае каде е локалната депонија. Затоа ќе бараме да видиме како работат инспекторите и во делот на пушењето и во делот на точењето алкохол на малолетници низ угостителските објекти“, рече Мемети во Струмица.

    Мемети појасни дека можеби станува збор за системски проблем од немање кадар и средства за инспекциските контроли, но нивниот увид ќе даде основа да се интервенира во законските решенија пред Парламентот,  бидејќи лани од нив Собранието прифатило дури 78 препораки.

    Инаку, ова година до Народниот правобранител биле поднесени околу 3.100 преставки, најмногу за работењето на судската власт и прекршување на потрошувачките права и правата од работен однос. Кај 1.100 претставки се констатирани повреди од кои 90 отсто се решени во корист на граѓаните.

    Иџет Мемети рече дека во наредниот период во соработка со општините ќе реализираат повеќе трибини на локално ниво, за да се промовираат како институција за решавање на правата на граѓаните но и да ги детектираат законските слабости и ограничувања на општините при нивното работење, за да поднесат препораки до Собранието.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари