НЕ ГРАДЕТЕ НОВИ ДИВОГРАДБИ ПОКРАЈ ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, ЌЕ БИДАТ УРНАТИ, СЕ ЗАКАНИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА СТРУГА МЕНДИ ЌУРА

    НЕ ГРАДЕТЕ НОВИ ДИВОГРАДБИ ПОКРАЈ ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, ЌЕ БИДАТ УРНАТИ, СЕ ЗАКАНИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА СТРУГА МЕНДИ ЌУРАОчекуваме и донесување закон за плажите, со кој дополнително ќе се регулира оваа област, рече градоначалникот на Струга. (Фото: СДК.МК)

    Секој нов бесправно изграден објект во крајбрежниот појас на Охридското Езеро што не ги исполнува законските услови ќе биде отстранет, најави градоначалникот на Струга, Менди Ќура. Тој упати јавен апел до граѓаните да не започнуваат нови градби без соодветно одобрение, нагласувајќи дека локалната самоуправа нема да толерира понатамошно нарушување на заштитеното подрачје.

    Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 24 јули одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Место тоа, Владата доби уште 5 години за да ги спроведе забелешките на УНЕСКО за заштита. Одлуката е донесена на седница на 48. сесија што се одржуваше во Бусан, Јужна Кореја, а „за“ гласаа 16 земји од вкупно 21 членка на Комитетот за светско наследство. УНЕСКО го одложи впишувањето на Охрид на Листата на светско наследство во опасност врз основа на потпишаното писмо со обврски и приоритети што ги презеде Владата и Општините. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски тогаш кажа дека дивоградбите не само во Охрид, туку секаде, треба да се рушат на законски начин.

    Ќура посочи дека во подготовка е ново законско решение, усогласено со препораките на УНЕСКО, со кое ќе се утврдат критериумите според кои ќе се постапува со бесправно изградените објекти во крајбрежниот појас. Ако градбата е спротивна на важечките урбанистички планови, ја попречува инфраструктурата или не ги исполнува законските критериуми, ќе следува постапка за нејзино отстранување.

    „Ги повикувам сите граѓани да се воздржат од бесправна градба покрај езерото. Секој објект изграден без дозвола ќе биде предмет на постапка за уривање. Очекуваме и донесување закон за плажите, со кој дополнително ќе се регулира оваа област. Додаде дека локалната самоуправа е во комуникација со Министерството за транспорт и врски и со Владата за изнаоѓање трајно решение, особено за објектите лоцирани во заштитеното подрачје на Охридскиот Регион“, вели Ќура.

    Тој рече дека бесправното градење со години претставува сериозен проблем за Струга и нагласи оти не може да се реши преку ноќ, туку ќе биде потребно време и постепено спроведување на законските мерки.

    Според официјалните податоци, во охридскиот регион, кој ужива статус на светско природно и културно наследство, се евидентирани 4.847 бесправно изградени објекти, меѓу кои згради и хотели, а од 456 решенија за уривање, ниедно не е спроведено. Токму дивоградбите се меѓу клучните забелешки што УНЕСКО со години ги нотира во своите извештаи, заедно со потребата од подобро урбанистичко планирање и поефикасна заштита на животната средина.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира