НЕ ТРЕБА НАГЛО ОЛАБАВУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ, ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 21 ЧАСОТ, БАРА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРИФИ

    НЕ ТРЕБА НАГЛО ОЛАБАВУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ ПРОТИВ КОРОНАВИРУСОТ, ПОЛИЦИСКИ ЧАС ОД 21 ЧАСОТ, БАРА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРИФИДодека за населението Теута Арифи предлага уште еден период зајакнати мерки за претпазливост, за мерките кон бизнис секторот таа вели дека постои можност за олабавување. (Фото: СДК.МК)

    Опасноста од ширење на КОВИД-19 сѐ уште е присутна во Тетовскиот Регион и затоа не треба да има нагло олабавување на мерките, вели градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи, посочувајќи дека секојдневно се регистрираат новозаболени лица како во градот така и во околните општини од Регионот.

    „Податоците од кои се гледа дека секојдневно имаме нови случаи на заболени од КОВИД-19 нѐ предупредуваат да бидеме претпазливи во наредните денови па дури потоа да одиме со предлози. Токму затоа, не треба да има нагло олабавување на мерките. Може да се размисли деновиве полицискиот час да започне од 21 часот, но за други олеснувања мора да се следи и анализира состојбата уште еден одреден период. Знам дека никому не му е пријатно да оди во дуќан со ракавици и маски во месец мај па и во јуни, но иако тоа ни прави проблеми, таа мерка е добра, посебно за возрасните бидејќи тие се лица кои се во сериозен ризик и ќе мора максимално да ги заштитиме. Затоа, кога ќе дојде до натамошното олабавување на мерките треба да се зајакнат мерките за носење заштитни средства“, изјави градоначалничката Арифи.

    Додека за населението таа предлага уште еден период зајакнати мерки за претпазливост, во однос на мерките кои се насочени кон бизнис секторот таа вели дека тука постои можност за нивно олабавување.

    „Олабавување на мерките во однос на дел од бизните треба да почне да се разгледува посебно за делот од бизнисите кои се помалку ризични“, додава Арифи.

    Според последните податоци, во Општина Тетово и во петте општини од Полошкиот Регион до денес има регистрирано 90 лица заболени од КОВИД-19.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира