НЕМА ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19 МЕЃУ 210 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ВО КУМАНОВО КОИ ДЕНЕС БЕА ТЕСТИРАНИ

    НЕМА ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19 МЕЃУ 210 ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ ВО КУМАНОВО КОИ ДЕНЕС БЕА ТЕСТИРАНИДенеска со т.н. серолошки тестови беа тестирани 210 вработени во Кумановската болница. (Фото: СДК.МК)

    Нема новозаболени здравствени работници од КОВИД -19, покажале резултатите од тестирањето коешто денеска е спроведено на 210 вработени во Кумановската болница, соопшти министерот Венко Филипче по денешната работна посета на Општата болница Куманово.

    „Денеска спроведовме тестирање кај 210 вработени со т.н. серолошки тестови. Резултатите досега покажаа дека нема суспектни медицински лица, кои се во фаза на заболени или се во лесна форма на болеста. Со оваа стратегија на тестирање ќе продолжиме и понатаму и ќе ја применуваме на целата територија на државата прво меѓу здравствените работници, а потоа и сите граѓани во државата“, соопшти Филипче.

    Министерот додаде дека Куманово е град во којшто се тестираат голем број пациенти, коишто биле во самоизолација, поради докажан контакт со дијагностицирани пациенти.

    Во Кумановската болница има голем број здравствени работници позитивни на коронавирус. Сите се во стабилна здравствена состојба и немаат тешка манифестација на болеста.  В петок ќе се направи дополнителна едукација за да се надгради знаењето на медицинскиот персонал во справувањето со коронавирусот.

    Министерот Филипче рече дека Куманово се издвојува со зголемен број дијагностицирани пациенти во последните неколку дена, но дека вработените во болницата се на висината на својата задача и врвно ги извршуваат своите обврски.

    Во Куманово до денеска регистрирани се 262 пациенти позитивни на КОВИД-19, а од нив 47 се здравствени работници.

    С. НИКОЛИЌ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира