И покрај бројните предупредувања од Центарот за јавно здравје од Тетово и другите локални и државни институции, тетовци малку се придржуваат до мерките за превенција од КОВИД-19. Тетовскиот плоштад деновиве повторно е претворен во автодром на кој со мали електрични автомобили се возат голем број деца во присуство на нивните родители. До пред некој ден, овие колички ги изнесуваа само во попладневните часови, откако општинските инспектори ќе си заминеа дома но, деновиве тие се на градскиот плоштад од наутро до стемнување.
Освен што се прекршува општинската одредба, вакви мали електрични автомобили да не смеат да бидат лоцирани на градскиот плоштад, после нивната употреба воопшто не се врши нивна дезинфекција, а нив дневно ги користат по десетина деца и се потенцијална опасност од пренесување на заразата.
„Мора да најдеме начин да го затвориме градскиот плоштад за овие електрични возила кои ги користат децата. Додека се инспекторите на работа сè е во ред но, откако ќе си заминат тие се појавуваат. Тука сме малку тенки со капацитети за да вршиме постојана контрола. Разговаравме за ова на Кризниот штаб, но уште не направивме договор со полицијата. Таа е подготвена да ни помогне да го затвориме плоштадот за овие возила“, изјави градоначалничката Теута Арифи.
Според последните податоци, во изминативе 24 часови во Тетовскиот Регион се регистрирани 19 нови заразени од КОВИД-19, од кои во Тетово 12, во Боговиње 2, Желино 2 и во Теарце 3.
Но освен на плоштадот, тетовци многу сакаат да седат и по кафеаните. Во содејство со инспекцијата од Државниот пазарен инспекторат ноќеска биле извршени контроли на 11 угостителски објекти, при што било утврдено дека една кафеана се заборавила во работата и била полна со гости и после полноќ.
„Ноќеска, десетина минути по полноќ, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 59-годишниот тетовец А. И., чиј угостителски објект без фирма на улица 29 Ноември во Тетово бил отворен и работел и во кој престојувале гости. По целосното расчистување и документирање на случајот против А. И. ќе следува поднесок за Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Деновиве, надвор од дозволеното време до 22 часот работела и една леблебиџилница“, соопшти портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
З. АНДОНОВ