ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ИСТРАЖИ ЗОШТО ПОЧИНА РОДИЛКАТА ОД БИТОЛА, БАРА СОПРУГОТ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ИСТРАЖИ ЗОШТО ПОЧИНА РОДИЛКАТА ОД БИТОЛА, БАРА СОПРУГОТЗа 40 дена по породувањето со царски рез 31-годишната битолчанка Весна Петрова била лекувана во битолската болница, скопската клиника, сменила повеќе одделенија и повеќе дијагнози и трипати била оперирана, по што почина на 11 март на КАРИЛ во Скопје (Фото: СДК.МК, комбинација од медицинската документација и некрологот)

    Јавното обвинителство да ги истражи причините кои довеле до смртта на 31-годишната родилка Весна Петрова од Битола, бара нејзиниот сопруг Миле Петров. Весна почина на 11 март годинава на КАРИЛ во Скопје, по неполни два месеца од породувањето со царски рез во битолската клиничка болница. Родилката била дијабетичар, но со контролиран шеќер и покачен крвeн притисок, по породувањето закрепнала и била пуштена дома. По неколку дена , се вратила во болница со болки во стомакот, температура  и дијареа.

    Тогаш започнал и пеколот на неа. Нема зборови со кои може да се опише мачилиштето што го поминала за четириесетина дена колку што траела борбата за живот, за жал на крај безуспешна. Била лекувана во битолската болница, скопската клиника, сменила повеќе одделенија, Интерно, гинекологија, САРИЛ, КАРИЛ, била три пати оперирана и лекувана најмалку од седум дијагнози. Започнале со колика абдоминалис, па пулмонална емболија, пуерперални инфекции, пелвеоперитонитис и други болести, за на крај да добие сепса и да почине.

    „Дали таа имаше сепса од претходно или само абдоменот ѝ бил загноен, тоа не знам и ќе барам да се истражи сѐ до најмал детаљ. Зарем таа била првиот дијабетичар и првата полничка мајка што раѓала дете? “, прашува сопругот Миле Петров и бара јавното обвинителство да ги истраѓи причините за смртта; – медицинската документација за Петрова (Фото: СДК.МК)

    „Ќе барам истрага од обвинителство. Кога почина, за обдукција никој не ми спомна. Јас во тие моменти не се ни сетив на тоа. И денес не знам дали имало обдукција. Се обратив до обвинителство, ако во Скопје не е покренета постапка за истрага на смртта во болницата по службена должност, ќе покренам јас постапка. Ќе барам да се испита кои се причините поради кои настана таа бактерија и целото тоа гноење“, вели Миле.

    Од семејството не очекувале компликации по породувањето на Весна, зашто иако дијабетичар имала контролиран шеќер. Според сопругот, ни еден доктор не ја предупредил за можни комплкации или ризик ако остане бремена.  Во деветтиот месец и ѝ се покачил крвниот притисок, па на 18 јануари била породена со царски рез. Родила здраво женско бебе, втора ќерка, првата има четири години.  Опоравувањето се одвивало брзо и ја пуштиле дома.

    „По два дена откако ја пуштија почна да се жали на стомакот, да добива температура. Вечерта поча да повраќа, доби дијареа , дехидрира, падна, викнавме брза помош и ја однесоа на Интерно одделение. Снимија ЕКГ и дадоа инфузија, ја стабилизираа со инфузии. Висок притисок и тогаш имаше, шеќерот беше нормален. Ни дадоа упут за кардиологија, срцето да го снимаме. Ја пуштија дома“, вели Миле.

    За два дена, повторно завршила в болница.  Била констатирана белодробна емболија, односно тромб на градите. Ја лечеле од тоа, кога повторно се појавиле болките во  стомакот.

    „Тогаш ја снимија на ехо, претходно не. Стомакот беше многу подуен и решија да ја оперираат. Прво пробаа во амбулантата за гинекологија нешто да направат, а потоа рекоа мора да одат во операциона сала. Ни рекоа има течност во стомакот. Кога ја отворија извадија еден леген, односно во отпусната листа пишува 5 литри гној“, вели Миле.

    Бидејќи здравствената состојба не се подобрила, од битолската болница ја транспортирале на КАРИЛ во Скопје. Таму лежела еден месец  од  11 февруари до 11 март.

    „Цел абдомен ѝ беше загноен, цревата, органите. Абдоминалниот хирург инсистираше да не се оди на трета операција. Гинеколозите настојуваа да ја извадат матката, мислеа дека таа е изворот на гноење. Кога ја отворија најдоа пукнат шев, наводно. Во писмото од Битола пишува дека било сѐ во ред, дали при транспортот за Скопје пукна, не знам“, вели сопругот.

    Ѝ го исчистиле стомакот и  ја извадиле матката.

    „Операцијата траела пет часа. Таа се осветила од операцијата, но пулсот и срцето не ѝ биле стабилни, починала на 11 март.  На семејството му рекле  дека добила сепса.

    „Дали таа имаше сепса од претходно или само абдоменот ѝ бил загноен, тоа не знам и ќе барам да се истражи сè до најмал детаљ“, додава сопругот.

    Бидејќи Весна била полничка и имала обвиснат стомак, некои од лекарите му рекле дека можно е бактеријата од надвор да навлегла внатре. Но, сопругот јавно прашува зарем таа била првиот дијабетичар и првата полничка мајка што раѓала дете? По нејзината смрт без мајка остана најзината постара ќерка која има четири години и помалата која денес има неполни три месеци, а  не успеа ни да ја запознае мајка си.

    За овој случај од битолската болница испратија соопштение  според кое станува збор за пациентка со повеќе коморбидитети и прекумерна телесна тежина, на која претходно ѝ било укажано од специјалистите гинеколози дека не се препорачува повторна бременост, имајќи ја предвид сериозната здравствена состојба и можните ризици .

    „Дополнително, потенцираме дека пациентката во Клиничка болница Битола беше донесена во исклучително ризична состојба на прееклампсија, односно зголемен интраваскуларен притисок. На одделот за интензивна нега во Битола  докторите четири дена се бореа за животот на оваа пациентка, а потоа пациентката беше упатена и на одделот КАРИЛ во Скопје, каде во следните дваесетина дена беа вложени максимални напори за спасување на животот на жената“, пишува во соопштението од болницата.

    Од болницата велат дека во овој случај било постапено по сите медицински протоколи и била применета медицина базирана на докази.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира