ОД ПЕТОК СЕ ВРАЌА БЕСПЛАТНИОТ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ

    ОД ПЕТОК СЕ ВРАЌА БЕСПЛАТНИОТ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕСпоред протоколите на Владата во јавниот превоз задолжително е носење на заштитна маска. (Фото: К.Попов)

    Од петок пензионерите повторно ќе можат да се возат бесплатно со јавниот превоз во Скопје вторник, петок, сабота и недела. Од ЈСП „Скопје“ апелираат за рационално користење на превозот и на задолжително носење на заштитна маска согласно уредбите на Владата за заштита од КОВИД-19.

    Бесплатниот автобуски превоз за пензионерите беше укинат на 11 март како дел од мерките на Владата со цел да се спречи понатамошно ширење на коронавирусот.

    И покрај тоа што според протоколите на Владата во јавниот превоз задолжително е носење на заштитна маска, голем број граѓани не ја почитуваат мерката.

    Градоначалникот Петре Шилегов минатата недела прашан зошто се дозволува во јавниот превоз граѓаните да се возат без маски и без да почитува дистанца кажа дека не може секој граѓанин возачите во ЈСП „Скопје“ да го контролираат.

    „Не можеме на секој човек да му залепиме човек кој ќе го потсетува да се придржува кон основната култура кога епидемијата е во прашање. Ние имаме пропишан пропис кој бара во јавниот живот и во јавниот превоз да се носи лична заштитна опрема. За жал дисторзијата на системот почна да се случува од моментот кога министерот за внатрешни работи Наќе Чулев кажа дека нема да ги казнува граѓаните што не носат маска и тоа остави впечаток кај граѓаните дека нема потреба да се носи заштита оти пандемијата помина“, рече Шилегов.

     А. АНТЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари