ОД ПОНЕДЕЛНИК УЛИЦАТА ОРЦЕ НИКОЛОВ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ СЕ ЗАТВОРА, ПОЧНУВА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ТРОТОАРИТЕ 

    ОД ПОНЕДЕЛНИК УЛИЦАТА ОРЦЕ НИКОЛОВ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ СЕ ЗАТВОРА, ПОЧНУВА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ТРОТОАРИТЕ Според проектот, тротоарите кои сега се заробени со коли и тераси од кафулиња и кафеани ќе бидат пешачки и велосипедски патеки. (Фото: СДК.МК)

    Од понеделник, улицата Орце Николов во центарот на Скопје се затвора за сообраќај поради почеток на градежните работи за реконструкција, најави Општина Центар. Првата фаза од реконструкцијата предвидува целосно затворање на потегот од раскрсницата со булеварот Свети Климент Охридски до улица Ленинова. Додека трае првата фаза, улицата Ленинова од Орце Николов до булеварот Партизански одреди ќе биде двонасочна. Паркирањето на улицата  ќе биде забрането, а на останатата улична мрежа сообраќајот останува по постојниот режим.

    „Откако завршивме со преместување на каблите и инсталациите под земја и ги отстранивме дрвените бандери, почнува работа на коловозот. Со оглед на тоа дека оваа улица е доста фреквентна нема да се затвора цела, туку во шест фази. Реконструкцијата ќе го опфати целиот потег кој е под надлежност на Општина Центар, од раскрсницата со булеварот Свети Климент Охридски до раскрсницата со улицата Франклин Рузвелт. Очекувам градежните работи да завршат до јули“, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Според проектот, тротоарите кои сега се заробени со коли и тераси од кафулиња и кафеани ќе бидат пешачки и велосипедски патеки. Ќе биде изведен кружен тек на крстосницата со улицата Ленинова. Ќе се воведе паралелно паркирање на ниво на улицата со џебови за паркирање. Коловозната лента ќе се намали на 6 метри, а за сметка на намалувањето ќе се изведат велосипедски патеки во должина од 2.400 метри и пешачки патеки од 2.200 метри.

    Реконструкцијата чини 1.2 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира