ОД СРЕДА ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ВОЗАЧИТЕ НА ЈСП „СКОПЈЕ“, ВЕЛАТ ИМААТ МАЛИ ПЛАТИ И ТЕШКИ УСЛОВИ ЗА РАБОТА

    ОД СРЕДА ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ВОЗАЧИТЕ НА ЈСП „СКОПЈЕ“, ВЕЛАТ ИМААТ МАЛИ ПЛАТИ И ТЕШКИ УСЛОВИ ЗА РАБОТАГрадоначалничката Данела Арсовска вели дека протестот е политички мотивиран. (Фото: К. Попов)

    Возачите од ЈСП „Скопје“ од среда излегуваат на протест пред седиштето на претпријатието. Како што велат од Независниот синдикат на возачи, протестот е поради малите плати и тешките услови за работа. Возачите ќе протестираат од среда па во наредните денови од 11 до 12 часот, што значи дека во тој период ќе нема јавен превоз бидејќи ќе нема кој да ги вози автобусите на јавното претпријатие.

    Градоначалничката Данела Арсовска вели дека протестот е политички мотивиран, бидејќи било разговарано со синдикатот и понудено скалесто зголемување на платите.

    „Многу ми е жал што вработените ќе протестираат. Лошите услови во кои се наоѓа ЈСП е затоа што претходното раководство го оставило девастирано, во толкави долгови што сега со големи напори луѓето се обидуваат да ги консолидираат. Независниот синдикат не знам зошто покренува вакви активности, можеби и политички да се мотивирани затоа што таму беше разговарано, прифатено дека ќе почне да се реализира скалесто зголемување на платите како и во сите други јавни претпријатија. Затоа не знам зошто вакви политички мотивирани чекори би правеле, тоа не е добро ниту за нив како синдикат оти го губат кредибилитетот во процесот на преговарање“, рече Арсовска одговарајќи на новинарско прашање за најавениот протест.

    Од ЈСП „Скопје“ исто така велат дека протестот е  политички мотивиран и е штетен за целокупното работење на претпријатието и на штета на граѓаните, корисниците на јавниот превоз.

    „Јавноста и вработените треба да бидат информирани дека Управниот одбор на ЈСП ‘Скопје‘ на 19 април ги прифати барањата на Независниот синдикат со Одлука за линеарно зголемување на платите во износ од 2.800 денари. Поради ова ги осудуваме ваквите дејствија и апелираме дека со политички мотивирани манипулации поттикнати од центри на политичка моќ нема да се допринесе кон развој и унапредување на статусот на вработените во ЈСП, туку, напротив ќе доведат до непоправлива штета која негативно ќе влијае врз работните процеси и статусот на вработените во претпријатието, како и за граѓаните воопшто“, велат од претпријатието.

    Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ланската година ја заврши со загуба од 3,3 милиони евра.

    Пред еден месец, тогашниот в. д. директор Иван Илиевски поставен од Арсовска да го спроведе нејзиното ветување за бесплатен автобуски превоз за сите граѓани си поднесе оставка по само 6 месеци на функцијата. За нов в. д. директор беше назначен Александар Стојковски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира